Економија, финансии, бизнис

Контакт

Љутков: Раководството на СКРМ шири дезинформации и врши притисок врз институциите

Љутков: Раководството на СКРМ шири дезинформации и врши притисок врз институциите

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, обвини дека раководството на СКРМ подолг период пласира неточни информации во јавноста, со цел да создаде погрешна перцепција за неговото работење и односот кон културните работници.

-Раководството на СКРМ веќе подолг период свесно и тенденциозно пласира неточни информации, со јасна намера да создаде погрешна слика дека делувам против интересите на културните работници – изјави Љутков.

Тој потенцира дека во ниту еден момент не ги довел во прашање правата на културните работници, туку, како што вели, континуирано се залага за реален социјален дијалог.

-Континуирано се залагам за реален, а не декларативен социјален дијалог, преку бројни иницијативи за состаноци и отворена комуникација, кои од страна на СКРМ често се игнорираат – посочи министерот.

Љутков истакна дека колективниот договор е истечен веќе четири години, што, според него, претставува сериозен институционален проблем.

-Овој застој не е резултат на недостиг на волја од моја страна, туку на однесувањето на раководството на СКРМ, кое наместо конструктивен дијалог избра конфронтација – нагласи тој.

Министерот упати критики и за, како што рече, обидите за притисок врз судството.

-Јавното пласирање информации за судски процеси пред нивно завршување претставува сериозен обид за влијание врз независноста на судството – изјави Љутков.

Во однос на евентуалното поништување на колективниот договор, тој предупреди дека тоа би било последица на долготрајниот застој и одбивањето за дијалог.

-Доколку дојде до поништување на колективниот договор, тоа ќе биде директна последица на систематското одбивање за дијалог и создавањето блокади – рече министерот.

Тој повика синдикалните организации да се вратат на својата основна функција.

-Синдикатите мора да се воздржат од политичко делување и притисоци врз институциите и да се фокусираат на заштита на правата на работниците – додаде Љутков.

Министерот истакна дека зголемениот буџет за култура е доказ за посветеноста на институциите кон подобрување на условите во секторот.

-Културата заслужува стабилност, институционална зрелост и партнерство, а не притисоци и лажни наративи – заклучи Љутков. 


Слично

Поврзани вести