ЉУТКОВ: Одлуката на УНЕСКО за Охрид е резултат на директна последица на години негрижа
Владата на денешната седница ја разгледала информацијата и ги задолжија сите членови на институциите кои присуствуваат моментално на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, преку координиран настап, заеднички да се поднесе амандман со цел повлекување на Нацрт одлуката на Комитетот со која Охридскиот регион се предлага да биде ставен на листата на светски природни и културни богатства во опасност.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, нагласи дека јавноста мора да ја знае вистината дека оваа одлука е резултат на директна последица на години негрижа, неодговорност и институционален распад што, како што вели, го оставила поранешната влада во периодот од 2017 до 2024 година.
„Актуелниот Извештај се однесува токму на овој период на владеење на СДСМ и ДУИ. И во тие седум години не само што не беше преземено речиси ништо од препораките на УНЕСКО, тие наместо заштита, гледавме игнорирање на експертски извештаи и системско разнебитување. Секој ден како Влада се соочуваме со историски одлуки, не само да го сопреме уништувањето, туку и да го спасиме и обновиме сето она што другите го запоставија“, рече Љутков.
Тој додаде дека Владата работи посветено во координација со сите надлежни институции да покаже дека знае поинаку да се однесува кон културното наследство.
Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во нацрт-документот усвоен во рамки на годинашната 47. Сесија што се одржува во Париз бара Охридскиот регион да биде поместен на Листата светски природни и културни богатства во опасност.
