Љупчо Николовски: ВМРО-ДПМНЕ се потпишаа за плата, а не дојдоа на дебата за минималецот
Љупчо Николовски, генералниот секретар на СДСМ, синоќа објави дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ одбиле да учествуваат на собраниската седница на која прв пат се расправаше за измена на Законот за минималната плата со кој таа се зголемува на 14.500 денари.
„Денес на виделина излезе целото лицемерие со кое ВМРО-ДПМНЕ ги убедуваше граѓаните дека работи за обнова и за добро на сите граѓани. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се појавиле во Собранието, се потпишале за да оправдаат доаѓање и да земат плата, а не влегле на седницата на која се дебатира за законот за овозможување на минимална плата за сите граѓани од 14.500 денари. ВМРО-ДПМНЕ работи против својот народ! Не присуствуваа на седницата во Собрание за да учествуваат и дадат поддршка на законот за минимална плата од 14.500 денари. Затоа ќе добијат казна на 12-ти април“, напиша Николовски на својот профил на Фејсбук.
Собранието на Република Македонија вчера на 116-та седница го разгледуваше Предлог-законот за субвенционирање на придонесите за социјално осигурување. Со овој закон Владата ќе ги плаќа дополнителните суми на работодавачот за придонесите на работниците доколку им ја зголеми платата за најмалку 6.000 денари.
На истата седница беше и Предлог-законот за изменување и дополнување на законот за минимална плата во Република Северна Македонија, по скратена постапка, според кој најмалиот доход кај редовно вработените ќе изнесува 14.500, наместо досегашните 12.507 денари.
