ЉУПЧО НИКОЛОВСКИ ЌЕ ГИ КАЖЕ КАНДИДАТИТЕ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ - дали се точни имињата кои испливаа во јавноста
Кои ќе бидат кандидати за градоначалници на СДСМ во неколку општини од земјава, јавноста ќе дознае попладне.
Според сознанија на Фактор, имињата на новите кандидати за градоначалници ќе ги објави генералниот секретар и шеф на Изборниот штаб на партијата, Љупчо Никоиловски.
Тој ќе одржи пресконференција во 16 или во 16.30 часот, односно по завршувањето на работното време, говорат сознанијата од партијата.
А, како што е познато, вчера доцна вечерта СДСМ одржа седница на Извршниот одбор, на која, како што соопштија социјалдемократите, биле дефинирани уште неколку нови, дополнителни кандидати за градоначалници.
Сепак, решија вечерта да не ги соопштуваат кандидатите, туку тоа да го остават за денешниот ден.
„Сите утврдени кандидати се дел од најдобрата понуда на СДСМ за локалните избори, а ќе бидат објавени во текот на утрешниот ден.
Како што веќе најави, СДСМ во фази ја објавува победничка понуда со која излегува пред граѓаните како фаворит на локалните избори“, се вели во синоќешното соопштение од партијата.
Како што веќе пишуваше Фактор, иако официјално уште не е објавено, во јавноста веќе протекоа имињата на некои од кандидатите за градоначалници на владејачката СДСМ.
Во Велес, како што дознаваме од прилично сигурни извори, од редовите на СДСМ ќе се трка Марјанчо Николов, долгогодишен познат и прилично активен пратеник, пред се во делот на економијата, и поранешен член на Управниот одбор на АД ЕСМ.
Според извори на Фактор, кандидатурата на Николов за Велес е веќе речиси завршена работа, само се чека официјално да биде потврдена.
Веќе е извесно, пак, дека за Прилеп кандидат ќе биде Горан Сугарески, екс диртектор на Царина, екс министер за транспорт и врски и долгогодишерн пратеник. Тој, особено како опозиционер беше познат по своите жестоки настапи во Собранието.
Сугарески засега е недостапен да ја потврди или демантира оваа информација.
Во медиумите беа објавени и повеќе други имиња за кандидати за градски татковци од владејачката партија, а меѓу нив се споменаа и имињата на пратеникот Александар Филиповски за Аеродром, како и Горан Герасимовски за Центар.
Се споменува и името на пратеникот Костадин Костадинов за адут на СДСМ во Струмица.
Од СДСМ, пак, за Фактор неофицијално велат и дека дел од имињата што испливаа по медиумите за кандидати за градоначалници не се точни, но сите дилеми попладне ќе ги расчисти генералниот секретар на партијата Љупчо Николовски.
