ЉУПЧО НИКОЛОВСКИ ИМ ПОРАЧА НА КОЛЕГИТЕ МИНИСТРИ: Ќе има регистар на недвижности и на подароци, сите да се однесуваат домаќински
Преку конкретни мерки и политики Владата ќе се фокусира на решавање на случаите за кои постои сомнеж за корупција, и на спречување и крајно искоренување на оваа девијантна појава.
Ова на денешната пресконференција го најави вицепремиерот за борба против корупцијата и криминалот, Љупчо Николовски, презентирајќи ги идните владини мерки за реализација на вториот приоритет од владината рамка „Акција 21 – европски стандарди дома“, односно борбата против корупцијата и криминалот.
„Нашата цел е да работиме, за да создадеме подобар живот за секој наш граѓанин, а тоа да го обезбедат чесни функционери и отчетни институции, кои работат во интерес на народот и на државата, а не во сопствен или партиски интерес. Во Новата 2021 година продолжуваме со имплементација на препораките од ГРЕКО. Во првата половина на годинава, во соработка со УСАИД ќе се спроведе тест за проценка на интегритетот на членовите на Владата и нивните советници и надворешни соработници. Во соработка со Министерството за правда, ќе се фокусираме на екипрање и дигитализација на истражните центри во Јавното обвинителство, што ќе придонесе во борбата против корупцијата и криминалот преку брзо решавање на предметите“, изјави Николовски.
Годинава треба да почне целосно воспоставување на проектот за Интероперабилност меѓу антикоруцписките институции. Преку овој проект ќе се овозможи безбедна и ефикасна размена на податоци за предмети поврзани со корупција, по електронски пат. На тој треба да се обезбедат брзи и ефикасни резултати во решавањето на случаите за кои постои сомнеж за корупција.
„Никој нема да смее да затајува и забавува случаи, каде има сомнежи за корупција. Ние никого нема да осудуваме однапред, но имаме задача и обврска сите информации веднаш да ги предадеме кај надлежните институции, за процесите брзо да се завршуваат. Ако има корупција следи казна, ако нема корупција, продолжуваме понатаму“, рече Николовски.
Оваа година стартува воведување на електронски систем за инспекција „Е-инспектор“, којшто ќе овозможи електронско поврзување и работење на сите 28 инспекциски служби. Со овој систем треба да се намали субјективното влијание на инспекторот за време на инспекцијата.
Преку креирање на единствен регистар на недвижности за сѐ што е во државна сопственост, како и регистар на подароци, ќе се придонесе за домаќинско управување и постапување со државниот недвижен имот, со што ќе се зголеми и нивото на одговорност на носителите на јавни функции преку почитување на начелата на отчетност и транспарентност.
Вицепремиерот Николовски посочи дека новата 2021-ва ќе биде антикорупциска година, за што ќе се започне со активна и постојана кампања за подигнување на свеста кај граѓаните, за негативните ефекти на корупцијата и за сите механизми кои им стојат на располагање за да се спротистават.
„Секој што ќе го прекрши законот, ќе мора да се соочи со одговорност. Мора да има ред еднаш засекогаш во институциите“, изјави Николовски.
