Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЛИСТАТА НА ЛЕКОВИ НА ТОВАР НА ФОНДОТ НЕ Е АЖУРИРАНА 15 ГОДИНИ - Воведувањето нови лекови ќе стане приоритет?!

ЛИСТАТА НА ЛЕКОВИ НА ТОВАР НА ФОНДОТ НЕ Е АЖУРИРАНА 15 ГОДИНИ - Воведувањето нови лекови ќе стане приоритет?!

Здравствен приоритет на Владата е деблокирањето на процесот на воведување на нови лекови на листа на лекови кои паѓаат на товар на Фондот за здравствено осигурување.

Ова беше еден од заклучоците на денешниот состанок во Владата на кој присуствуваа Министерот за здравство, Фатмир Меџити, заменичката на министерот за здравство, Маја Манолева, советничката за здравство на премиерот, професор д-р Ана Данева-Маркова, претставници на Фондот за здравствено осигурување и Агенцијата за лекови и медицински средства, претставници од фармацевтските компании, дел од стопанските комори во земјава, а во соработка со Здружението на пациенти на кој се разговараше за можни решенија за ажурирање на позитивната листа на лекови како и за изнаоѓање на одржливо трајно решение со цел поефикасно задоволување на потребите на граѓаните.

На денешниот состанок во Владата, исто така беше разговарано и за можностите ефикасна и ефективна координација  на сите чинители со цел подобрување на здравствените и фармацевтски политики во земјата во интерес на граѓаните и нивната благосостојба.

- На средбата беше потенцирано дека листата на лекови кои паѓаат на товар на Фондот за здравствено осигурување не е ажурирана веќе 15 години и дека е неопходно да се прочисти, а лековите кои се застарени да се сменат со нови без при тоа да има финансиски импликации врз буџетот, во исто време додека се бараат начини за воведување на иновативни лекови - стои во соопштението испратено од Владата.
Од таму додаваат дека, во оваа насока министерот за здравство Меџити на средбата истакнал дека следната недела се очекува формирање Комисија за позитивната листа. Тој нагласи дека е оптимист и дека очекува што поскоро да се најде решение за прочистување на листата и нејзино дополнување со нови лекови. Затоа, како што рече министерот Меџити, потребно е поедноставување на процедурите.

- На средбата се разгледуваше и Правилник за начинот и методологијата за утврдување и донесување на Листата на лекови кои паѓаат на товар на Фондот за здравствено осигурување донесен во март 2023 година, и беше нагласено дека на здравството треба да се гледа како на инвестиција, а не како на трошок - се нагласува во соопштението.

Заеднички беше оценето дека овој Правилник е добра основа за изнаоѓање трајни одржливи решенија за обезбедување на неопходните лекови за сите граѓани. Со носењето на Правилникот за начинот и методологијата за утврдување и донесување на Листата на лекови кои паѓаат на товар на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија се отвори можноста за етаблирање на функционален и одржлив систем за редовно обновување на листата на лекови. 

Последните измени во овој Правилник овозможуваат склучување на специјални договори  со кои ќе се овозможи влез на повеќе иновативни лекови за сите пациенти на кои им се неопходни, а истовремено ќе може да се предвиди и заштити здравствениот буџет.

Слично

Поврзани вести