Економија, финансии, бизнис

Контакт

Лина Ѓорчевска нема да биде сама - од трибините ќе има гласна македонска поддршка

Лина Ѓорчевска нема да биде сама - од трибините ќе има гласна македонска поддршка

Денеска е историски ден за македонскиот тенис. Со гордост и голема возбуда, цела Македонија ќе навива за Лина Ѓорчевска, која за првпат ќе настапи на Вимблдон. Најдобрата македонска тенисерка во првото коло ќе се соочи со Аманда Анисимова, а покрај поддршката што ќе ја има од целата земја, нема да биде сама ниту на трибините. Со македонското знаме во рацете, меѓу најгласните навивачи ќе биде Драгица Петровиќ, Македонка која веќе неколку години живее во Лондон и е редовен посетител на Вимблдон.

-На овој Вимблдон најважен ми е настапот на нашата Лина Ѓорчевска. Среќна сум што го дочекав и тој момент, на терените на Вимблдон да настапи македонска тенисерка. Ќе ја бодриме нашата Лина, која ќе игра на теренот број 6. Таа нема да биде сама. Од трибините ќе се вее македонското знаме и ќе навиваме за неа со цело срце - вели Драгица Петровиќ која годинава има и посебна улога на Вимблдон.

- Секоја година сум на Вимблдон, речиси секој ден, особено кога играше Новак Ѓоковиќ, чиј голем обожавател сум. Овој турнир има посебно место во мојот живот и среќна сум што и годинава сум дел од него како личен возач на екипата на Sport Klub Белград. На акредитацијата сум заведена како дел од нивниот тим за социјални мрежи. Тоа ми овозможува да бидам многу поблиску до случувањата и да ги запознаам најдобрите тенисери во светот. За мене тоа е огромна чест и привилегија- истакнува таа.

Петровиќ објаснува дека соработката со Sport Klub започнала пред две години.

-Новинарите од Sport Klub ги запознав преку мојот најдобар пријател Горан Коциќ, поранешен врвен пингпонгар и близок пријател на Небојша Вишковиќ. Преку него се запознавме и останавме во одлични односи. Минатата година бев и во нивното студио во Белград, каде што имав чест да се запознаам и со директорот. Тој ми се заблагодари за гостопримството и помошта што им ја давав додека беа во Лондон. Навистина е привилегија да се дружиш со такви професионалци и добри луѓе. Делиме иста позитивна енергија- додава таа.

Открива и интересни детали за организацијата на Вимблдон и специфичната традиција што го прави турнирот единствен.

-За теренот број 6 не се плаќа посебен билет. Само за Централниот терен, теренот број 1 и теренот број 2 има посебни влезници. Комплексот има вкупно 18 терени, а за останатите е потребен само Ground Pass. Но, до него не се доаѓа лесно. Луѓето кампуваат преку ноќ за да обезбедат влез. Вимблдон е познат по својот легендарен ред Queue. Ground Pass не се продава однапред, туку се добива според редоследот на чекање. Тоа е дел од традицијата и од посебната атмосфера што ја има само Вимблдон- објаснува таа и дополнува дека токму оваа традиција е една од причините поради кои Вимблдон е поинаков од сите други Грен слем турнири.

-Иако не секој може да обезбеди билет за Централниот терен, со Ground Pass може да се следат натпреварите на сите останати терени, како и атмосферата на прочуениот рид, каде што илјадници луѓе ги гледаат мечевите на голем екран. Тоа е вистинско доживување и затоа Вимблдон е нешто посебно - вели Петровиќ.

Соња Алексоска Неделковска


Слично

Поврзани вести