Лим од градилиштето кај „Беко“ повреди случаен велосипедист кој заврши во болница
Утрово во центарот на Скопје, кај градилиштето спроти полициската станица „Беко“ во Скопје, откорнат лим паднал врз велосипедист кој во моментот поминувал покрај местото на несреќата.
Велосипедистот се здобил со потешки повреди, а на местото на настанот интервенирала Итната медицинска помош. Очевидци велат дека повредениот бил веднаш пренесен во болница.
Градилиштето на поранешно „Беко“ е небезбедно оти постојано летаат парчиња од оградата и друг градежен материјал, но и покрај тоа никој не интервенира. Од Општина Центар при секој инцидент велат дека ќе му наложат на инвеститорот „БС Консалтинг“ да го обезбеди градилиштето, но тоа не е сторено.
- На 15.07.2025 околу 7.30 часот во СВР Скопје е пријавено дека на пешачката патека на ул. “Даме Груев” во Скопје, додека С.П. (64) се движел со велосипед, врз него паднал лим од заштитна ограда со која е оградено градилиште. С.П. со возило на Итна медицинска помош е пренесен во Ургентен центар за укажување лекарска помош, потврдија од полицијата.
