ЛИЛЈАНА ГЕОРГИЕВСКА ОД УНИТ: Додека сите стечајци не се обештетат нема да застанеме
Додека сите стечајни работници не се обештетат нема да застанеме, вели Лилјана Герогиевска, претседател на Здружението на стечајни работници УНИТ.
Од УНИТ ќе бараат измени во новиот Закон за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизацијата кој беше донесен на 20 месецов. Законот не опфаќа околу 500 луѓе на ниво на држава кои со транзицијата ги изгубија своите работни места. Георгиевска вели дека целта е да се згрижат сите стечајни работници. Тие со години беа оставени на милост и немилост, се снаоѓаа како знаат и умеат, работејќи на „црно“ или беа на товар на своите најблиски.
„Тие што ќе останат неопфатени се поради немање на 15 години стаж во фирма со државна сопственост, или немање на години, 52 за жени и 55 за мажи. Додека сите стечајни работници не се обештетат нема да застанеме. Волја има од ресорните министерства и од Владата и веќе се работи на тоа за да после избори има измена и дополна на закон“ – вели Георгиевска.
Со законот за стечајни работници се очекува 3500 луѓе да добиваат месечен надоместок во висина од 34 % од просечната плата од минатата година односно 7596 денари.
„За нас 7596 денари е добро, затоа што со години немавме ич, немавме ни денар. Крајот ќе покаже за нас кумановци дали се исплатеше, но сума сумарум се исплатеше, затоа што 12 години протестиравме, имаше над 800 протести, малтретирања“ – додава Георгиевска.
Надоместок може да добијат невработени лица на возраст од најмалку 52 години за жени и 55 години за мажи со најмалку 15 години стаж во претпријатија со доминанта државна сопственост на кои работниот однос им престанал по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок заклучно со 30 јуни годинава.
Во меѓувреме стечајците се пријавуваат во Центрите за вработување за остварување на ова право, а до вчера во АВРМ стигнале над 800 барања.
Изминативе години стечајците блокираа патишта во Скопје и во внатрешноста, а протестираа и пред домовите на пратениците, се со цел да издејствуваат да добијат обештетување од државата.
Пред неколку години бројот на стечајни работници во земјава беше над 6.000, но бројката сега е намалена поради високата смртност кај оваа категорија граѓани.
Сања Атанасовска