Лидија Милановска: Придонесите во чевларството да се намалат по бугарски терк
Да се намалат придонесите во чевларството, бараат од Здружението на чевлари од Куманово.
Претседателката Лидија Милановска вели дека како пример може да се земе Бугарија каде придонесите се ниски, а тие одлично функционираат, а во Албанија давачките се уште пониски.
Чевларите бараат од надлежните да ги намалат придонесите, инаку проблем ќе биде исплатата на минималната плата.
„Досега платите беа од 10.000 па до 13.000 или 14.000 денари, поделени по тежината на процесите кои ги работат и количината која ќе ја сработат. Ако ги покачиме платите од 10.000 на 12.000 денари, најслабо платените ќе дојдат до изедначување со подобрите и поефикасни работници. Затоа ние сме принудени на сите да им покачиме по 20%, за да не дојде до намалување на продуктивноста. Со самото покачување многу се зголемуваат придонесите и персоналниот данок. Нашите придонеси најниски се 5.130 денари, во Бугарија се 3.190 денари, а во Албанија се 20 евра, уште пониски. Уште една работа, субвенциите кои ги дава државата не следуваат на сите. Тоа ни беше барање, да се дава за моментално вработени затоа плата даваме на оние кои сега работат, а услов е да се даде на оние кои работеле кај нас во јануари, февруари, март. По законот не се вели дека платата треба да се покачи ако работникот работел најмалку шест месеци кај нас, туку на сите моментално вработени“ – вели Милановска.
Милановска додава дека овие измени им го попречуваат нормалното работење, а чевларските фирми се организирани и упорни по однос на своите барања. Вели дека најтешко им е на малите чевларски фирми.
„Ние сме бизнисмени и се надевам дека ќе се договориме. Штрајкот не е добар за ниту една страна. Веќе имаме договорени средби. Јас сум голем оптимист“ – додава Милановска.
Во Куманово во чевларските фирми работат околу 3000 работници.
Сања Атанасовска