Лидерот на „Ќосињата“ пречекан со аплаузи по распитот
Горан Ангелов, претседател на т.н. патриотско здружение „Андон Лазов Јанев Ќосето“ по,три часа на распит поминати во полициската станица Кисела Вода во Скопје, беше ослободен. Неговите членови го пречекаа со аплауз и овации, откако утрово тие започнаа протест пред полициската станица.
Засега нема повеќе детали за причините поради кои Ангелов бил повикан на распит, но се претпоставува дека е поради поврзаност со крвавите инциденти во Собранието минатиот четврток. Ангелов беше забележан на снимки како при упадот во Собранието на Република Македонија се поздравува со пратеникот Илија Димовски, а беше и на листата на препознаени насилници кои СДСМ ги посочи на нивна прес конференција.
Ангелов беше иницијатор на барањето до претседателот Иванов да прогласи амнестија за сите кои учествуваа во собранискиот напад бидејќи наводно тие не биле насилници туку си ја бранеле државата од предавствата на СДСМ.
