ЛИДЕРОТ И РЕФОРМАТОРИТЕ ВО „ВОЈНА“: Груевски им порача дека еден ден ќе се срамат-тие го возвратија ударот!
Реформаторите се изнајмени, ќе се срамат додека се живи за тоа што го прават, изјави вчера првиот опозиционер Никола Груевски за иницијаторите кои заговараат реформи во партијата на ВМРО ДПМНЕ.
„Се прават и ќе се прават обиди да јас заминам од врвот на партијата заради истите тие цели. Овие луѓе кои сега се појавија и се нарекуваат „реформатори“, во минатото беа петти, шестти ешалон, кои што ништо не работеле за државата, туку за себе сработиле еден куп работи, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во интервјуто за ТВ Нова.
„Тие се изнајмени, тие се под наем да завршат одредена работа и тие се горди со тоа, се фалат. Многуммина што контактираат со нив ми кажуваат како се фалат, за која Амбасада работат, кои Амбасади им даваат логистика, која Амбасада им дава апри, кои им се целите. Целта им била јас да се тргнам. Тие луѓе ќе се срамат додека се живи за тоа што го прават, не се свесни. Во моментот се горди затоа што некоја поголема сила им кажала дека стои зад нив и им држи грб, им го чува грбот. Еден ден ќе се срамат, ќе се срамат од своите деца и од своите внуци за тоа што го прават, од самите себе ќе се срамат“, рече Груевски.
„На Македонија и треба силно, демократско и модерно ВМРО ДПМНЕ. Никола, ќе се срамиш ти, што имаше историска шанса да бидеш запаметен како преродбеник на Република Македонија, а ја прокоцка таа шанса поради лични интереси. Време е да ја прифатиш личната политичка одговорност за промашените политики и проценки и да го ослободиш ВМРО ДПМНЕ од товарот на минатото“.
Ова му го порача Александар Михајлоски на Груевски преку медиумите додавајжо дека е срамно партиски лидер да падне на ниво да навредува и да шири невистини за млади луѓе што се дрзнале да побараат реформи во партијата.
