Левичарот Бранимир Јовановиќ ќе делува во Министерство за финансии
Професорот, граѓанскиот активист и еден од поранешните најистакнати членови на политичката партија Левица, Бранимир Јовановиќ му се приклучи на тимот на Заев, и своите економски познавања ќе ги примени во Министерството за финансии.
Самиот Јовановиќ беше дел и од екипата на новиот министер Драган Тевдовски уште при преземањето на функцијата од страна на Миноски. Јовановиќ кој во минатото често даваше предлози за македонската економија базирани на левичарски идеи знаеше да биде критичен и кон еконмската определба на програмата на СДСМ, но како професионалец потенцира дека целосно ќе биде посветен на реформите и чекорите кои ќе бидат неопходни за подобрување на работата на „Финансии“ како еден од најпроблематичните сектори.
- Нема да биде воопшто лесно, во тоа се уверив и овие два дена, но токму затоа и прифатив, зашто сакам предизвици и зашто ако сега не се промени нешто, никогаш нема.
Ги разбирам и оние кои мислат дека ова ми е „награда“ за активностите од изминатиот период. Кај нас активизмот честопати беше параван за партиски дејствија, така што ваквиот став не е без основа. Сепак, сакам да потсетам дека пред да се вклучам во активизмот, јас 7 години работев во Народна Банка, институција многу слична на Министерството за Финансии.
Но, и без тоа, нема ништо суштински лошо во тоа активисти да се вклучуваат во институционална политика, доколку е тоа со искрени намери. Ќе се потрудам со моите дела да ве убедам дека е вака во мојот случај, напиша Јовановиќ на Фејсбук објаснувајќи го својот нов политички ангажман.
Да потсетиме дека Јовановиќ учествуваше и на протестите на Шарената револуција.
