ЛЕВИЦА: Воведување на една изборна единица е услов за поддршка на реорганизација на министерствата
Политичката партија Левица бара една изборна единица. Левица денеска во Собранието ја потврди условената поддршка за предложените измени на Законот за организација и работа на органите на државната управа.
Реорганизацијата која ја предлага новото мнозинство може да наиде на широк консензус, само доколку биде спроведена заедничката програмска заложба за воведување на една изборна единица која патем е препорака на мисијата на ОБСЕ која со години е игнорирана од секоја власт.
„Затоа што препознаваме дека воведувањето на една изборна единица е приоритет за македонското општество, затоа што овој модел со шест изборни единици кои преку геримандеринг не ги уважува гласовите на македонските граѓани, потребно е веднаш да се донесе оваа измена“, истакна портпаролот на Левица и пратеник, Амар Мециновиќ на денешната прес - конференција.
Вели дека прифаќањето на една изборна единица партиите го коментираа и е на препорака на Мисијата на ОБСЕ.
Реорганизацијата на министерствата го помина првиот собраниски филтер, односно 74 пратеници од новото владејачко мнозинство гласаа „за“ законот да оди по скратена постапка.
