Левица: ВМРО-ДПМНЕ го обвини дека делел 400 бесплатни паркинзи, сега го стави директор
Левица реагира дека градоначалникот Орце Ѓорѓиевски за в.д. директор на ЈП „Градски Паркинг” повторно го поставил Владимир Кроневски кој како директор токму на ова претпријатие, во 2022 година беше обвинуван дека делел бесплатно 400-тини паркинг места за блиски луѓе.
„Да потсетиме, токму ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференции го обвинуваше Кроневски за злоупотреби и неосновано делење бесплатни паркинг-привилегии за стотици функционери од тогашната власт. Според нивните тогашни тврдења, најмалку 400 возила, колку цела катна гаража, имале посебен третман, додека граѓаните редовно плаќале за секој час паркирање.
Денес, истиот овој човек, со истото портфолио и без никаква санкција за изнесените злоупотреби - повторно е поставен за директор од истата таа партија која пред четири години го разобличуваше на пресови“, обвини партијата.
Скандал околу Кроневски имаше обелоденето и Левица. Имено, за време на неговото раководење со ЈП „Градски паркинг”, тој доделил 20 тендери во износ од над 2,6 милиони евра на компанија каде неговиот брат е извршен директор и ко-сопственик.
„Бидејќи портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ во 2022 година ги повикуваше медиумите и новинарите да направат сторија за Кроневски, денес ние ги повикуваме од ВМРО-ДПМНЕ да објаснат како истиот човек кој тогаш беше симбол на злоупотреби, одеднаш стана нивен повторно избран „професионален“ кадар?!“, додаваат од таму во соопштението.
