Економија, финансии, бизнис

Контакт

Левица тврди: Парите од БЕГ одат на приватни сметки на ВМРО-ДПМНЕ

Левица тврди: Парите од БЕГ одат на приватни сметки на ВМРО-ДПМНЕ

Од Левица велат и дека голем криминал е направен во 2012 година, кога три лиценци се издадени на БЕГ, и тоа на 31 декември 2012 година, а во истиот ден се објавени во „Службен весник“, за да може веќе од 1 јануари 2013 година да издадат фактури.

Компанијата БЕГ е основана за да се „испумпаат“ парите на граѓаните и да одат на приватни сметки на лица од ВМРО-ДПМНЕ во Кипар, обвини денеска Владимир Куновски од политичката партија Левица.

„Сѐ почнува на 9 ноември 2011 година на состанокот помеѓу Никола Груевски,  Димитар Петров, директорот на Регулаторна комисија за енергетика и Хаџи Мишев, директор на Топлификација. Целта била да се вратат сите исклучени потрошувачи. Лицето Н.Г. добива идеја и истата ја реализира во 2012 година, кога е одржан состанокот со Леонид Лебедев, сопственик на Синтез груп, руски бизнисмен на Кипар и кога се формира БЕГ за 50 илјади евра“, изјави Владимир Куновски.

„Леонид Лебедев сопственик на групата Синтез груп, заедно со неговите фирми Битар Холдинг и Кардикор се основачи на БЕГ, а Битар Холдинг е основач на Те-то. Сето тоа е направено како бај-пас фирма за да се искористи моќта на Топлификација, и претпоставуваме дека криминалот е поради тоа што 30 проценти од сметките се над реалните и тие пари се испумпуваат на приватни сметки во Кипар и тоа за врхушката на ВМРО-ДПМНЕ“, обвинува Куновски.

„Би сакале да ги запрашаме господата од врхушката на ВМРО-ДПМНЕ дали Димитар Петров, претседателот на Регулаторна комисија има плата од 3.000 евра и дали истиот господин од локалниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Кратово една ипол година беше незаконски претседател, бидејќи главниот криминал е спроведен преку оваа комисија. Дали цената на парното е 30% над реалната и дали истите пари завршуваат во нивниот џеб? Дали долгот на БЕГ кон Топлификација е 18,5 милиони евра и дали утре ќе се одржи собранието на Топлификација во кое што претпоставуваме дека некој планира да го купи за да се заташка целиот овој криминал“, рече Куновски.

Од Левица велат и дека голем криминал е направен во 2012 година, кога три лиценци се издадени на БЕГ, и тоа на 31 декември 2012 година, а во истиот ден се објавени во „Службен весник“, за да може веќе од 1 јануари 2013 година да издадат фактури.

„Имаме три месеци искористување на личните податоци на 40.000 граѓани бесправно, бидејќи БЕГ нема никаква правна и законска можност да ги користи нивните податоци“, вели Куновски.


Слично

Поврзани вести