„Левица“ против идејата на ВМРО-ДПМНЕ за отворање на приватни детски градинки
Левица преку соопштение во јавноста изразува незадоволство од идејата на власта за стимулирање на отворање на приватни детски градинки заради растеретување на оние кои се под ин геренции на државата.
„Десничарската логика на Владата предводена од ДПМНЕ и ЗНАМ вели дека профитот на олигаргијата која пенетрира во партиските штабови е многу поважна од воспитно-образовниот процес којшто го добиваат најмладите! Најавата од Владата предводена од ДПМНЕ и ЗНАМ за отворање на приватни градинки ќе ги продлабочи класните разлики во капиталистичкото општество и ќе започне да го дели општеството уште од најмала возраст!
Ветувањето за нови градинки во секоја општина кое го најави ДПМНЕ на локалните избори, не само што не е остварено, туку од позиција на веќе апсолутна власт одлучува да спроведува политика што ќе го уништува социјалното уредување на државата, на сметка на родителите и децата, во насока на профит на блиската при себе - олигархија.
Растеретување на државните капацитети во градинките и овозможување достојна грижа за децата е државна обврска од која не смее да се отстапи“, реагира Левица.
Партијата бара отворање на нови државни капацитети, согласно демографските потреби на децата и водење на воспитно-образовниот процес од страна на стручните, наместо партиските кадри.
„Потенцираме дека ваквото решение во никој случај нема да го реши проблемот со детските градинки во руралните средини, а, секако, приватните инвеститори водени, единствено, од мотивот наречен профит, логично е да инвестираат само во густонаселените места, што покрај социјалното, ќе прави и демографско раслојување“, додаваат од таму.
