Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЛЕВИЦА: Партијата на Курти се меша во внатрешните работи, тоа е закана за унитарниот карактер на Македонија

ЛЕВИЦА: Партијата на Курти се меша во внатрешните работи, тоа е закана за унитарниот карактер на Македонија

Левица обвини дека косовската владејачка партија на премиерот Албин Курти директно се меша во внатрешните работи на Македонија.

Партијата „Самоопределување“ на Курти, ќе биде дел од изборната трка на претстојните парламентарни избори во Македонија. Ова го најави т.н коалиција „Европски сојуз за промени“ на Африм Гаши од Алернатива, Биљал Касами од Беса и Изет Меџити како одметник од ДУИ. Имено, како претставник на косовскиот премиер Курти, дојде Беким Ќоку, како негов советник за Македонија, каде партијата беше најавена како „четврти столб на албанската опозиција во Македонија“.

Од Левица велат дека ова претставува уште една потврда дека преку партијата на косовскиот премиер Курти се прават обиди за воспоставување на единствена политичка сцена во регионов, преку која ќе се манифестираат заложбите исклучиво на албанската етничка заедница, што пак претставува сериозна закана за унитарниот карактер на Македонија.

„Иконографијата карактеристична за балистичката идеја за голема Албанија не изостанува во ниту една пригода од која дел е партијата на Курти. Така беше и за време на неговата неодамнешна посета во Тетово, така беше и сега на отворањето на канцеларијата на споменатиот „Европски сојуз за промени“, каде се вееја знамиња со картата на голема Албанија. Доколку се дозволи било какво учество и политичка ангажираност на косовската владејачка партија во Македонија и не се казнат таквите досегашни активности, тоа ќе претставува опасен преседан, каде трите лидери на предизборната коалиција, составена од три иредентистички политички платформи заедно во директна соработка со владејачка партија на Приштина, ќе се борат за власта во Македонија“, велат од Левица. 

Од Левица велат дека ваквите политички упади на Приштина не треба да бидат само предмет на Изборниот законик и Законот за политички партии, туку тие треба да бидат предмет на безбедносните служби на државата, кои се должни да го штитат суверенитетот и територијалниот интегритет на државата и да спречат било какви обиди кои делуваат во насока на загрозување на унитарниот карактер на државата, кои со самото тоа претставуваат закана за националната безбедност. 

„Не постои можност партијата „Самоопределување“ на косовскиот премиер Албин Курти да учествува на изборите во Македонија“, вели претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски.

Услов за учество е да се македонски државјани и да ги ислолнуваат законските услови како што се државјанство и жителство.

Аналитичарот од Приштина, Ридван Бериша, го нарече неприфатливо вклучувањето на Движењето „Самоопределување“ во политичкиот живот на Македонија, оценувајќи дека Албин Курти на тој начин доведува до поделба меѓу Албанците.

Слично

Поврзани вести