Левица: Оставка на директорот на АХВ, сопственикот на „Ѓоргиеви“ е советник од ВМРО-ДПМНЕ
После информации за квалитетот на млечните производи, односно, за небезбедната храна која млекарниците ја пуштаат во промет, Левица побара оставка од директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, при тоа додавајќи дека сопственикот на еден од операторите бил советник во Советот на Општина Радовиш.
„Стоматологот Оливер Миланов, по некоја случајност директор на АХВ, е најдиректно одговорен за сѐ што се случува со квалитетот, тоест, што се произведува, увезува и продава низ супермаркетите како храна, а која ја консумираат нашите сограѓани.
После скандалите со корупција и мито во другите надлежни агенции и инспекторатот под капата на МЗШВ, сега имаме и мега скандал со небезбедна храна пуштена по маркетите. Наместо навремена контрола и заштита на јавното здравје надлежните дозволиле производи со состав различен од декларираниот да стигнат до илјадници граѓани. Неправилности биле утврдени кај производи на Бела фарм, ПК Златибор, Маврово, Милком, Сентис АГ, Ѓорѓиеви, Тетовска млекара, Продукт и Норд милк.
Особено индикативно е што меѓу компаниите, за кои се утврдени неправилности, е и млекарата „Ѓоргиеви“ од Радовиш, чиј сопственик е советник од редовите на ДПМНЕ. Тоа отвара сомнеж за евентуално политичко влијание и институционална заштита. Исто така овој факт ги отвара и прашањата за тоа зошто надлежните не ги објавија имињата на млекарите кај кои се најдени неправилности, но и за висините на казните кои треба да ги платат, односно 3500 евра, што е повеќе од смешна сума за голема и профитабилна млекара“, реагира Левица.
Инаку Млекарницата Ѓоргиеви вчера на социјалните мрежи, пред да биде објавен непотполниот список со казнетите оператори, објави дека не е меѓу казнетите.