Левица обвинува за милионски криминал: „Началник од Министерство за земјоделство осигурал туѓи поседи и користел субвенции“
Поранешниот началник на подрачната единица на Министерството за Земјоделство - Кавадарци, Митко Керов, инаку член на СДСМ, злоупотребил податоци за да осигура поседи во сопственост на граѓани неколку години по ред во соработка со осигурителни компании и ги користел субвенциите за премиите за осигурување на поседи од државата!
Ова го посочува опозициската Левица во соопштение испратено до медиумите.
Од патијата посочуваат дека таргет на поранешниот началник биле возрасни граѓани кои вообичаено не пристапуваат на софтверите за услугите на Министерството, така што истите не би дознале дека нивните поседи се осигурани без тие самите и да се појават при потпишувањето на договорите!
- Керов, во соработка со осигурителни компании, ги осигурувал поседите, аплицирал за субвенции за покривање на премиите и добивал дел од колачот.
Изненадувачки за граѓаните бил ненадејниот имот со кој се стекнал Керов откако станал началник на подрачната единица, а сега веќе станува и јасно зошто - велат од Левица.
Од партијата додаваат дека „тиквата на криминалната мрежа пукнала во моментот кога поседите мрзнеат во текот на последните неколку сезони, а земјоделците аплицираат на јавните повици за обештетување во своите општини“.
Но, како што објаснуваат во соопштението, по правилниците, оние земјоделци чии поседи се осигурани во осигурителни компании, немаат право на помош, и така земјоделците дознаваат дека се осигурани, без воопшто да аплицираат самите.
- Во обид да се спречи ескалација на ситуацијата, Митко Керов преку физичко лице (негов татко), И. Керов, уплаќа симболични суми на сметките на сите граѓани кои аплицирале за обештетување, а биле одбиени по овој основ, а во цел на дознака наведува „Штета за 2024 година“. Истиот веројатно очекувал на тој начин овие лица да не почувствуваат дека немаат добиено средства.
На овој начин, Керов има ноторна злоупотреба на службената положба и овластување, како и злоупотреба на државни средства за субвенционирање!
Структури од ДПМНЕ се запознаени со овие злоупотреби, но наместо да постапат, свесно молчат и не преземаат ништо. Напротив, одат чекор понапред и вршат притисок за овој скандал да не излезе во јавност, да се релативизира и заташка, за да не се отвори поширока истрага која би ја разоткрила целата мрежа на корупција и институционално прикривање - потенцираат од Левица.
Од партијата го повикаа Јавното обвинителство да ги провери сметките на членовите на семејството Керови, како и сопствениците на осигураните поседи, да ги испита наводите од лицата од Кавадарци и Росоман, и по потреба да ја прошири истрагата во останатите локални самоуправи и да преземе соодветни мерки.
Фото: Левица
