Левица ни е потребна, но вака не, му одговори Заев на Апасиев
Вака не се станува лидер, му порача премиерот Зоран Заев денеска на претседателот на Левица, Димитар Апасиев.
Пратеникот Апасиев, го праша Заев дали пробал со голема сума евра да купи пратеници од власта (не од СДСМ) и од опозицијата (не од ВМРО-ДПМНЕ).
„Секако дека комплетно негирам ваква инсиунација. Вака лидер не се станува, господине Апасиев. Ако имате доказ ќе го извадите пред јавноста. Ем ќе обвините, ем ке излажете, ем ќе поентирате од парламентарната говорница. Тоа е исто како сега јас да ве прашам дали е вистина или шпекулација дека јас и вие сме се договориле да ви ги обезбедам сите ресурси за да им земете гласови на ВМРО-ДПМНЕ и да кажете дали е вистина или шпекулација. Вака поставени прашања нема да ве однесат на никакви лидерски функции. Левица ни е потребна, но вака не. Гледам, се борите но вака не, сам сте, нема да постигнете ништо зошто ова не му личи никако на пратеник, а не пак на лидер на политичка партија“, рече Заев.
Апасиев се заблагодари на одговорот заклучувајќи дека Заев негира дека тоа што праша е вистина. Но, додаде дека во партијата имаат докази дека таков обид за купување пратеници се случувал и дека кога СДСМ ќе паднат од власт ќе го процесуираат, затоа што четирите кривични пријави што ги поднеле досега не се процесуирале воопшто.
Денеска се одржа седница за пратенички прашања.
