Левица: На локални избори одиме сами, без политички пазар и партиски договори зад затворени врати
Партијата Левица ги демантира информациите дека преговараат за предизборни коалиции во пресрет на претстојните локални избори.
„Левица не води никакви разговори ниту со СДС, ниту со ДПМНЕ, а најмалку со ДУИ или било која друга партија за коалицирање. Нашиот став по однос на предизборните коалиции е јасен и непроменет - забрана на предизборните коалиции“, велат од Левица.
Од партијата посочуваат дека ќе настапат самостојно, без политички пазари и без партиски договори зад затворени врати.
„Спроведениот јавен повик за кандидирање за градоначалници преку Левица е доказ за нашата отвореност кон граѓаните и потенцијалот на Републиката - поддржуваме луѓе со интегритет, без оглед дали се партиски членови или не, сè додека ја делат визијата за промена и конечно функционална локална самоуправа во служба на граѓаните“, соопшти Левица.
Реакцијата на партијата доаѓа откако лидерот на СДСМ, Венко Филипче кажа дека не исклучува коалицирање со Левица, ДУИ или било која политичка партија.
