Левица му поднесе кривична на Оливер Спасовски поради промена на софтверот за лични карти
Партијата Левица, до Основното јавно обвинителство – Скопје, поднесе кривична пријава против министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување.
Додаваат дека тој се терети дека во својство на службено лице не го испочитувал текстот на законот и притоа свесно, злонамерно и противзаконски дозволил и овозможил промена на софтверот – системот за издавање на личните карти во МВР уште во јуни 2021 година.
„Со ова била извршена неповратна промена на податоците и содржината на обрасците на личната карта, барањето за издавање на лична карта и потврдата за поднесеното барање, пред да бидат донесени било какви измени на Законот за личната карта, со кои би се промениле податоците и содржината на наведените обрасци. На овој начин, со своето свесно и комисивно деликтно дејствие – министерот Спасовски, намерно и со предумисла, извршил промена на содржината на податоците впишани во обрасците на личната карта, барањето за издавање на лична карта и потврдата за поднесеното барање, иако знаел и бил должен да знае дека наведената материја согласно Уставот претставува materia legis, утврдена единствено со Законот за личната карта. Дополнително, пријавениот постапил спротивно на начелата на законитост, професионална етика, непристрасност и објективност и економично користење на средствата предвидени во Законот за внатрешни работи“, стои во соопштението.
Очекуваат обвинителството да покрене обвинение против актуелниот министер за внатрешни работи.
Пред извесно време имаше застој во издавањето на лични карти.
