Левица: Мицкоски да објави кои му се советници и надворешни соработници
Левица денеска побара од премиерот Христијан Мицкоски и Владата транспарентно да ги објават имињата на ангажираните советници и надворешни соработници.
„Владата на ДПМНЕ-ВРЕДИ-ЗНАМ предводена од олицетворението на непотизмот во Македонија, Христијан Мицкоски, по точно 121 ден активно „работење“, ги нема јавно објавено со име и презиме сите советници и надворешни соработници, кои за својата невидлива работа, земаат илјадници евра плата од државниот буџет“, бараат од оваа политичка партија.
Од таму бараат Владата официјално да ги објави имињата, бидејќи како што велат, дел од нив и самите го имаат потврдено тоа во јавноста.
„И покрај тоа што Мицкоски ги крие имињата на своите советници, дел од нив и сами се имаат пофалено со новите функции, како на пример: синот на актуелниот директор на Управата за извршување санкции - Александар Пандов, Столе Пандов, кој е поставен за советник за млади на Претседателот на Владата. Но повеќето советници на Премиерот, веројатно, плашејќи се од реакцијата на јавноста, „мудро“ молчат.
Ваквото однесување на Владата предводена од Христијан Мицкоски ги продлабочува структурните проблеми во македонското општество, каде јавните ресурси продолжуваат да бидат злоупотребувани за лично богатење и користење на власта за вработување на блиски лица. Овој систем на непотизам и клиентелизам е во спротивност со принципите на владеењето на правото и го блокира формирањето на вистинско демократско општество“, дополнуваат од Левица.
