Економија, финансии, бизнис

Контакт

Левица: Контролори ги казнуваат граѓаните за дефектите на ЈСП - Пораката за платен билет стигнува по половина час

Левица: Контролори ги казнуваат граѓаните за дефектите на ЈСП - Пораката за платен билет стигнува по половина час

Во град каде автобусот доаѓа како природна непогода - непредвидливо и ретко, сега граѓаните се казнувани и за дефектите на самиот систем на ЈСП!

Ова го посочуваат утрово од опозициската партија Левица, од каде укажуваат дека до нив пристигнуваат информации дека граѓаните уредно плаќаат билет преку телефон, а пораката за успешно плаќање стигнува по 20-30 минути. 

- Во меѓувреме, контролорите настапуваат како улични извршители - дрско, агресивно и без никакво разбирање за очигледниот дефект на системот пишуваат казни. Наместо да се насочат кон проблемот, тие се истураат врз граѓаните кои и онака се лишени од нормален и достоинствен јавен превоз.

И додека скопјани секој ден се вртат по преполни автобуски станици „чекајќи го Годо”, ДПМНЕ и Орце Ѓорѓиевски продолжуваат да продаваат евтин ПИАР за подобрена состојба и скоро па решен проблем (којшто, впрочем, не смее да се заборави дека тие го создадоа поради каприц со екс-градоначалничката Данела).

Денес ЈСП не може навреме да испрати ниту обична порака за платен билет, но затоа експресно испраќа контролори да се закануваат и изживуваат врз патниците. Во системот на ДПМНЕ, секогаш најлесно е вината да му се префрли на граѓанинот, но никогаш на неспособното раководење - нагласуваат од Левица. 

Потоа додаваат дека „Орце Ѓорѓиевски пред избори ветуваше дека хаосот во јавниот превоз ќе биде решен веднаш“. 

- Денес, единствено што е „веднаш“ е казната за граѓаните, додека дефектите, доцнењата и распадот на ЈСП со месеци никој не ги решава.

Апелираме до Ѓорѓиевски и директорот на ЈСП да им укажат на контролорите дека не треба граѓаните да ги третираат како измамници, туку оние коишто се расфрлале со ветувања за брзо решавање на проблемите - се посочува на крајот од соопштението испратено до медиумите. 

Фото: Архива

Слично

Поврзани вести