Левица: И покрај забавениот економски раст, само за шест месеци, банките остварија над 120 милиони евра добивка
Од политичката партија „Левица“ денеска со соопштение реагираа на огромните заработки кои ги остварува банкарскиот сектор, со забелешка дека нивните профити растат бидејќи недостига контрола од државата.
- И покрај забавениот економски раст, само за шест месеци, банките остварија над 120 милиони евра добивка и ги зголемија своите профити за 35 отсто, споредено со истиот период лани! Нето приходите од камати се искачија на 190 милиони евра, додека нето приходите од провизии и надоместоци изнесуваат повеќе од 50 милиони евра.
Растат приходите од камати, кои се повисоки за 43,5 отсто во споредба со претходната година, а се должи на сè поскапите кредити со променливи каматни стапки, врзани со 6 месечен ЕУРИОБОР или благајнички записи, а зголемена е и казнената камата за пречекорување на платежните сметки - пишува во соопштението на „Левица“.
Од партијата додаваат дека последниве децении банкарскиот капитал премина во рацете на странските инвеститори и значајно е променета сопственичката структура.
- Иако власта се фали со директните инвестиции, вложувањата во акции само ја променија сопственоста, со што им овозможија на странците да профитираат врз грбот на граѓаните, кои плаќаат сè повисоки камати, провизии и надоместоци.
За банките нема криза, тие и понатаму останаа недопирливи. Нивните профити се неприкосновени и забрзано растат последниве години, кои речиси тројно се зголемени.
Очигледно е дека тридецениското владеење на корумпираните политичари, им оди во прилог на банките, а отсуството на државна регулација во банкарскиот сектор, за што се залага Левица, им овозможи високи лихварски камати и сè поголеми приходи од провизии и надоместоци, на товар на осирамашениот народ - заклучуваат од партијата.
