Економија, финансии, бизнис

Контакт

Левица го враќа старото име на државата во Штип и Аеродром - ЌЕ ИМА ЛИ БРАН И НИЗ ДРУГИТЕ ОПШТИНИ

Левица го враќа старото име на државата во Штип и Аеродром - ЌЕ ИМА ЛИ БРАН И НИЗ ДРУГИТЕ ОПШТИНИ

Освен во Штип, свечена изјава со името „Република Македонија“ советниците на Левица потпишале и во Советот на Општина Аеродром, соопштија вчера вечерта од партијата.

„Меѓудругото, се бориме за се помасовна употреба на уставното име усвоено со Референдумот од 1991 година, коешто формално правно е, и мора  да биде во употреба, бидејќи промената на името после неуспешниот Референдум во 2018 е противуставна и спротивна на  изразената волја на граѓаните!

Поради ова, на денешната седница во Општина Штип, претставникот на Левица во Советот, остро застана зад позициите на ставот на  Партијата – свечената изјава да биде потпишана како што е пропишана во Законот за локална самоуправа – односно, со името Република Македонија! Освен во Општина Штип, свечена изјава со правилното име – Република Македонија, беше потпишана и од страна на советниците на Левица во Општина Аеродром!“, велат од Левица.

Тие исто така се залагаат и за пренос на седниците на советите живо со цел граѓаните да имаат директен увид во работата на советите.

Вчера во Штип, пак, како што информира ТВ Телма, свечена конститутивна седница на Советот на Општина Штип имале само 13 советници на ВМРО-ДПМНЕ и еден на Левица, додека деветмината советниците од опозициската СДСМ ја напуштиле седницата.

На првата седница мнозинството и опозицијата ги скара писмената свечена изјава, на којашто наместо да стои уставното име на државата Република Северна Македонија, стоело Република Македонија.

Маријана Рогожарска-Поповска, советник од СДСМ истакнала дека не треба да се оди против Уставот и побара правно толкување од службите.

Откако мнозинството советници на ВМРО-ДПМНЕ им го одбиле барањето, тие ја напуштиле седницата.

Свечена изјава дале 13 советници на ВМРО-ДПМНЕ и еден на Левица, онака какошто службите им ги подготвиле со Република Македонија.

Мнозинството советници без присуство на опозицијата за претседател на Советот на Општина Штип ја избирале Весна Карагунова-Кожинкова.

Слично

Поврзани вести