Економија, финансии, бизнис

Контакт

Левица: Дури ни Груби првично не се пожалил на безбедносен ризик

Левица: Дури ни Груби првично не се пожалил на безбедносен ризик

Партијата Левица обвини дека замената на притворот со куќен притвор за поранешниот вицепремиер Артан Груби претставува, како што наведуваат, „конструирано алиби за поблага мерка“, оценувајќи дека во случајот постои сериозна контрадикторност во институционалните ставови.

Во денешното соопштение, од Левица посочуваат дека директорот на истражниот затвор јавно изјавил дека Груби не поднел поплака за небезбедност, дека му бил извршен лекарски преглед и дека неговата безбедност била гарантирана. Само неколку часа подоцна, како што наведуваат, Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност излегле со проценка дека безбедноста не може да се гарантира, што Обвинителството го прифатило како аргумент за замена на мерката притвор со куќен притвор.

Од Левица прашуваат врз основа на што е направена ваквата проценка, доколку немало конкретна пријава и доколку надлежните во затворот тврдат дека безбедноста е обезбедена. Според нив, јавноста заслужува јасно и аргументирано образложение.

Партијата дополнително наведува дека обезбедувањето сигурност во притворските установи е обврска на државните институции и доколку постои безбедносен ризик, тој треба да се неутрализира со засилени мерки во рамки на затворот, а не со укинување на притворот.

Во соопштението се истакнува дека станува збор за лице кое, според нив, 14 месеци било во бегство и за кое била распишана меѓународна потерница, што, како што велат, претставува отежнителна околност. Левица поставува прашање дали ист стандард би важел и за обичен граѓанин без политичка тежина.

Од партијата оценуваат дека ваквата одлука создава опасен преседан безбедносните служби да станат инструмент за релативизирање на притворот кога станува збор за политички функционери. Во спротивно, додаваат, се отвора дилема дали државата не може или не сака да обезбеди еднаков третман пред законот.

За случајот засега нема официјален одговор од МВР и АНБ на обвинувањата изнесени од Левица.


Слично

Поврзани вести