Левица: Братот на в.д. претседателката на Кривичен ги предупредува газдите на „Пулс“ за контроли, а не е обвинет
Објавените разговори во сторијата на „ИРЛ“ уште еднаш ја потврдија мафијашката спрега меѓу ДПМНЕ, институциите и криминалот! И додека Христијан Мицкоски ги нарекува „лешинари“ сите оние кои бараат правда – неговата власт го наштима предметот за најголемата трагедија во поновата историја на Македонија, велат од Левица преку соопштение.
„Додека лицемерно го обвинува судството и обвинителството за корупција – токму неговите кадри ја кројат „правдата“ по партиски диктат, а сопствените пиуни ги спасуваат од одговорност. Инспекторот на УЈП, Драган Паунов (брат на в.д. претседателката на Кривичниот суд, Даниела Димовска) е фатен како го предупредува синот на газда Деко за контрола во диско-шталата „Пулс“, а за возврат прима подароци. И покрај овие разговори и докази – за него нема обвинение. Даниела Димовска, незаконски избрана со гласовите на ДПМНЕ и СДСМ (турната од 11-та на прва позиција), сега го води судот кој треба да ја донесе правдата за Кочани. Тоа значи дека процесот е однапред компромитиран и претставува уште една партиска фарса со готов исход“, реагира Левица.
Велат дека се единствената политичка партија која алармирала за изборот на Димовска.
„Таа има очигледна партиска биографија – била асистентка на пратеникот Влатко Ѓорчев и советничка на претседателите на Собранието Вељановски и Георгиевски, а нејзиниот сопруг е вработен во кабинетот на Тимчо Муцунски. Нејзиното унапредување на чело на Кривичниот суд беше туркано од Данка Ристова – член на Судскиот совет и сопруга на градоначалникот на Радовиш од ДПМНЕ. Со Мицкоски на власт, Кочани и Македонија никогаш нема да дочекаат правда, туку само ќе бидат сведоци на партиска заштита на убијците на 62 млади животи! Режимот на Мицкоски е подготвен да ја задуши вистината, да ги заклучи досиејата и да им ја украде правдата на семејствата на жртвите. Пипците на Мицкоски и ДПМНЕ се протегаат низ сите институции – судството, обвинителството, инспекциските служби. Ова не се изолирани злоупотреби, туку систематска инфраструктура на клиентелизам и партиска контрола, која го задушува секој обид за независност и владеење на правото. Таквата состојба ги претвора судските процеси во обичен театар, каде исходот е однапред познат, а граѓаните се сведоци на однапред напишани пресуди. Овој облик на власт е класичен партиски режим што го користи државниот апарат за самозаштита и заштита на своите интереси. Сè додека тие пипци останат вплетени во системот – правдата ќе биде недостижна“, стои во соопштението на опозициската партија.
