Економија, финансии, бизнис

Контакт

Левица: Баџанакот на Мицкоски со бугарски фирми добива тендери од општина Струмица

Левица: Баџанакот на Мицкоски со бугарски фирми добива тендери од општина Струмица

Станува јасно дека Мицкоски ги злоупотребува општините кои тонат во долгови само за богатење на неговото семејство и најблиски пријатели. Имено, за Левица е скандалозно што еден од првите тендери на општина Струмица завршува токму кај фирмата на баџанакот на премиерот. 

Ова го истакнуваат денеска од опозициска Левица, од каде укажуваат дека и претходно реагирале за поврзаноста на лицето во владејачката партија. 

- Еден од првите тендери после промената на власта во Струмица го доби ,,Шалом – Фуд Груп“, компанија во сопственост на Јорданчо Јанев, инаку баџанак на Христијан Мицкоски.

Левица и претходно има реагирано дека токму Јорданчо Јанев се јавува како донатор на ДПМНЕ со сума од 20.000 евра. Контроверзно е што баџанакот на Мицкоски поседува и фирми кои остваруваат милионски профити во бугарскиот град Петрич. И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ меѓусебно претходно се обвинуваа дека овој мал бугарски град е омилена дестинација за нивните фирми.

Дали преку бугарски фирми во сопственост на фамилијата на премиерот се изнесуваат криминално заработени пари? Дали партијата на Мицкоски се финансира со парите од граѓаните, преку тендери кои завршуваат кај неговиот баџанак - донатор? - прашуваат од Левица. 

Од партијата додаваат дека за фамилијарните бизниси на премиерот одговор треба да дадат институциите и јавното обвинителство. 

- Очигледно и новата ВД јавна обвинителка која е тесно поврзана со ВМРО-ДПМНЕ е поставена единствено со цел за да нема одговорност за криминалот на оваа гарнитура на власт - заклучуваат на крајот од соопштението од опозициската партија. 


Слично

Поврзани вести