Левица: Албанска компанија ќе стопанисува со паркингот на Клинички центар следните 20 години - целиот приход за нив
Министерот за здравство, Арбен Таравари, де факто го приватизира јавниот паркинг, лобирајќи албанска компанија да стопанисува со паркингот на Клиничкиот центар во Скопје преку јавно-приватно партнерство во траење од 20 години!
Ова го посочуваат утрово од политичката партија Левица преку соопштение испратено до медиумите, од каде обвинуваат за нова голема корупција која е во поза на неколку лица, но на штета на граѓаните.
- Со ова, Таравари стана епитет на политичка корупција, кој одработува за контроверзна фирма од странство.
Со ваквиот енормно штетен договор со фирмата „Ѓока Констракшн“, целиот приход ќе оди за компанијата, додека за државата ќе остане само 1 процент. Левица открива дека оваа компанија е поврзана со крупни скандали во Албанија, каде се спомнува и политичка корупција.
Градежната компанија „Ѓока Констракшн“ била инволвирана во скандал поврзан со изградба на тунели, кои се урнале поради работа со неквалитетни материјали. Дополнително, оваа албанска компанија се спомнува и дека била дел од лобирање кај политичари од Албанија! - укажуваат од Левица.
Притоа од партијата укажуваат дека особено „скандалозно е што државата нема 10 милиони евра да инвестира во паркинг на Клинички центар, додека се задолжува со 500 милиони евра за предизборен поткуп на локалните избори“.
- Левица го предвиде ова сценарио и претходно поднесе амандман кон Буџетот за 2025 година со кој ќе се финансираше изградба на јавен паркинг, но, амандманот беше одбиен од ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ – партии кои очигледно имаат за цел да го уништат јавното здравство и да ги наполнат џебовите на своите бизнис партнери.
Левица јавно го прашува министерот Таравари: колку провизија добил од контроверзната албанска компанија за пациентите да плаќаат повисоки цени за паркинг?! - заклучуваат во соопштението опозиционерите.
