Ленче Ристовска во завршните зборови за „Таргет-Тврдина“: Сведоштвата на Лазаревски и Костовски се најрелевантни
Обвинителката Ленче Рисотвска во завршните зборови за случајот „Таргет-Тврдина“ рече дека сведоштвата на „свиркачите“ Ѓорѓи Лазаревски и Ѕвонко Костовски, заедно со материјалните, се најрелевантните докази во судскиот процес кој е пред самата завршница.
Лазаревски и Костовски претходно сведочеа како двајцата разузнавачи кои од Управата за безбедност и контраразузнавање ги извадија „бомбите“ и му ги предадоа на ексдиректорот на УБК Зоран Верушевски.
Лазаревски и Костовски беа уапсени во февруари 2015 година како обвинети во случајот „Пуч“, веднаш откако тогашниот лидер на опозицијата Зоран Заев почна да ги пушта „бомбите“.
Во предметот „Таргет-Тврдина“, покрај Сашо Милајков како поранешен директор на УБК, обвинети се и поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, Никола Бошкоски, како и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.
Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.
