Економија, финансии, бизнис

Контакт

„ЛЕКУВАЊЕ ПАЦИЕНТИ СО ИЗГОРЕНИЦИ ОД ПОЖАР Е НАЈТЕШКО“: Клековски објави дека може да се зголеми бројот на земји каде се испраќаат повредените

„ЛЕКУВАЊЕ ПАЦИЕНТИ СО ИЗГОРЕНИЦИ ОД ПОЖАР Е НАЈТЕШКО“: Клековски објави дека може да се зголеми бројот на земји каде се испраќаат повредените

Досега имаме пратено пациенти во 12 земји, и има потенцијал да станат 14 земји, денеска најверојатно ќе бидат испратени уште пациенти во други земји. Станува збор за 25 болници, специјализирани болници. Во Бугарија се сместени 9 пациенти во Пирогов Софија, во ВМА Варна 3-ца пациенти и исто толку во Пловдив. Во Солун се сместени три пациенти во Папаниколау, како и во другите болници низ Солун има по 3 лица сместени и еден во Атина. 

Ова го истакна директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски на денешната пресконференција во Владата. 

Тој исто така дополни дека има пациенти во болници во Турција, три во Истанбул и шест во Анкара, како и во Холандија, Австрија, Литванија, Полска, Италија, Белгија, Хрватска... и дополни дека листата ќе расте бидејќи за овој тип повреди има потреба од специјализирани услови и тимови. 

- Станува збор за голем дел воени институции и специјализирани институции за изгореници и тие се намерно одбрани за пациентите да добијат најдобра можна здравствена заштита. Дополнително уште 70 пациенти се згрижени во болниците во Македонија за кои е обезбедена и помош од доктори од надвор кои се поискусни во лекувањето на пациенти со изгореници - напомена Клековски.

Воедно директорот на Фондот за здравствено осигурување потенцираше дека лекувањето на пациентите со изгореници е долготрајно и дека е меѓу најтешките процеси на заздравување. 

- Сакам да истакнам дека третманот на пациенти со изгореници имаат потреба од многу внимателен третман, како од самите изгореници, така и подоцна фазата која ќе следува и која ќе опфаќа и нивна реконструкција. Веќе се прават планови како да се постапува со нив, со помош на доктори кои дојдоа кај нас - укажа Клековски.

На пресконференцијата Клековски претходно објасни дека во државата „годишно имаме околу 100 изгореници и тоа вклучува од сите можни причини.“

- Изгореници од пожар се најтешка категорија затоа што покрај кожа, има и респираторни оштетувања. Во 2024 сме имале пет тешки случаи со висок степен на изгореници.  Во државата имаме три болници со одредени искуство со изгореници – Клиника за Пластична хирургија, стара Градска и Клиника за детски болести - рече Клековски.

Клековски посочи дека низ годините „малку пациенти сме имале низ годините, а тоа се тешки и комплицирани процедури за лекување“. Големиот број на повредени во пожарот и тешките повреди биле причина поради која е одлучено да се испраќаат пациентите во странство.

Во моментот на испомош има специјализирана екипа на лекари од Чешка кои веќе работат со лекарите на македонските клиника. Треба да пристигнат и британски експерти за помош во наредните фази на лекување на пациентите кои имаат изгореници.

Слично

Поврзани вести