„ЛЕКЦИЈАТА ОД СТАЈКОВЦИ ОСТАНА НЕНАУЧЕНА“: Цаневска со низа критики за Ѓорѓиевски по невремето
Со оглед на тоа што системот функционира само на хартија и пред камера, советничката Катерина Цаневска Арсовска упати остри критики до градското раководство за лошото управување со кризни ситуации.
Силното невреме што го зафати Скопје уште еднаш ги извади на површина системските слабости и неподготвеноста на градските служби да се соочат со елементарни непогоди.
Советничката од редовите на СДСМ во Советот на Град Скопје, Катерина Цаневска Арсовска, преку својот профил на социјалните мрежи реагираше за, како што вели таа, разликата помеѓу лажниот ПР-маркетинг на првиот човек на Градот и реалната слика на теренот.
Таа потенцираше дека само два часа пред силниот ветар и поројниот дожд да предизвикаат колапс во главниот град, градските власти ги уверувале граѓаните за нивната целосна подготвеност.
„Само два часа пред вчерашното невреме кое корнеше дрвја, рушеше кровови и го парализираше Скопје, првиот човек на градот гордо се огласи на социјалните мрежи. Со статус и фотографија, скопјани ги уверуваше дека институциите се максимално подготвени, дека службите се на позиции и дека градската инфраструктура сигурно ќе го издржи невремето. Реалноста покажа нешто сосема друго. Поројниот дожд и силниот ветар за миг ги претворија булеварите во базени, сообраќајот во хаос, а граѓаните во сведоци на сопствената немоќ пред првиот сериозен тест на системот“, истакнува Цаневска Арсовска.
Потопот како декор за евтин маркетинг
Во однос на соопштенијата и објавите на градските власти по стишувањето на невремето, советничката смета дека се работи за евтин политички маркетинг наместо вистинска грижа за заедницата.
„Потопот беше добар декор за втора епизода од истото сценарио и за евтин маркетинг. Веднаш по стишувањето на невремето, градоначалникот повторно се појави на терен, овој пат во улога на 'дежурен спасувач', со нови фотографии и уверувања дека надлежните екипи остануваат на терен сè до целосно расчистување. Но, со гол ПР и со евтини Фејсбук-статуси не се управува со кризни ситуации. Градот не се води од мобилен телефон и филтрирани објави, туку со функционална канализациона мрежа, одржани корита, исчистени шахти, средени дрвја, кровови и електрична мрежа и оперативни служби кои дејствуваат“, се вели во нејзината објава.
Цаневска Арсовска се осврна и на трагичната годишнина од поплавите во Стајковци, посочувајќи дека надлежните институции не извлекоа ништо од минатото.
„Лекцијата од Стајковци која се случи пред точно десет години остана ненаучена. Најтрагичното во целата оваа приказна е што поминуваат точно десет години од катастрофалните поплави во Стајковци, а институционалната меморија е сведена на нула. Десет години подоцна, Скопје и понатаму е ранливо на секој посилен летен дожд, а надлежните продолжуваат да се однесуваат како елементарните непогоди да се изненадување, а не реалност со која мора системски да се управува. Системот функционира само на хартија и пред камера, додека граѓаните се препуштени сами на себе“, подвлекува советничката.
Барање за итна вонредна седница и помош за оштетените
Како излез од оваа состојба, советничката група ја поддржува иницијативата за свикување вонредна седница на Советот на Град Скопје, но нагласува дека таа не смее да заврши без конкретни одлуки.
Според Цаневска Арсовска, на таа седница мора итно да се донесат две клучни одлуки:
Итна и конкретна финансиска помош за сите семејства и граѓани чии домови, возила и имот претрпеа штети во вчерашниот хаос.
Системски и долгорочни решенија – со јасни рокови, одговорни лица и реална контрола, за да се стави крај на скопската пракса да се чека следната природна непогода за да се види колку сме неподготвени.
„Скопје — Градот на солидарноста секогаш свикувал седници за помош на други градови погодени од катастрофи и затоа итно треба да се состане и сега да им помогне и да ги реши проблемите на своите граѓани. Скопје нема повеќе време за чекање, ниту пак за градски раководители чија единствена вистинска вештина е масовното сликање пред и по катастрофи“, заклучува Цаневска Арсовска.
