Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЛЕКАРИ ИНТЕРНИСТИ ОД ДЕНЕСКА ОДАТ ВО ШТИПСКАТА БОЛНИЦА: Алармантни бројките на новозаразени, но нема карантин за градот

ЛЕКАРИ ИНТЕРНИСТИ ОД ДЕНЕСКА ОДАТ ВО ШТИПСКАТА БОЛНИЦА: Алармантни бројките на новозаразени, но нема карантин за градот

10 тима од по двајца специјалисти интернисти од Здравствен дом Скопје во наредните три недели ќе бидат ангажирани на Инфективното одделение во Клиничката штипска болница за да помогнат на нивните колеги во оваа здравствена установа, каде што бројот на пациенти е веќе речиси исполнет. Директорот на Здравствен дом Скопје, д-р. Виктор Исјановски, за Фактор вели дека ова е на барање на Министерството за здравство, бидејќи во моментов во болницата во Штип навистина има потреба од дополнителен медицински кадар.

-Ангажманот на лекарите специјалисти по интерна медицина од Здравствен дом Скопје во Клиничката болница во Штип почнува од денеска. Станува збор за 24 часовни дежурства, но на секој трет ден. Смените се веќе направени, значи денеска одат двајца, дежураат до утре, таа екипа се враќа, па на 1.август одат други двајца. Така ќе биде во наредните 20-тина дена. Сосема исто како што беше случајот со кумановската болница. Транспортот го обезбедува Клиничката болница во Штип. Во моментов во таа болничка установа има голем број пациенти, заради што е потребно кадарот да се засили, вели д-р. Исјановски.  

И покрај тоа што во изминатите недели, Штип постојано регистрира двоцифрени бројки на новозаразени со корона вирусот, засега, градските власти, но и од Министерството за здравство не планираат градот да го стават во целосна изолација, односно во карантин како што се шпекулира меѓу самите граѓани. На вчерашната прес-конференција, од Министерството за здравство посочија дека во моментов нема причина Штип да биде во карантин.

– Не размислуваме во овој момент за карантин и не гледаме причина. Карантинот не се одредува според горната граница на заразени пациенти. Карантинот се одредува спрема ризикот од внатрешна трансмисија на ширењето на вирусот, бидејќи досега концентрацијата беше строго одреден кластер или институција, а немавме широка распространетост не гледаме причина за карантин, рече Владимир Милошев, државен секретар во Министерството за здравство.

Инаку, завчера во Штип беа регистрирани 29 позитивни на Ковид, вчера 13, најголемата бројка беше 60, но имаше и 33, а од во штипскиот Центар за јавно здравје, велат дека секојдневно се прават тестови на граѓани кои покажуваат симптоми, или пак кои биле во контакт со заразени.

Кластерите се познати во градот, бидејќи станува збор за конфекциите, односно вработените во неколку фабрики за текстил се најголемиот број инфицирани со Ковид-19. Во Моментов Штип е на врвот по број на позитивни случаи во однос на бројот на жители во градот. Таму има повеќе од 400 активни случаи, што според податоците на Министерството за здравство, тоа е вториот град во Македонија веднаш по Скопје со најголем број на активно заразени.

Анита Буховски

Слично

Поврзани вести