Економија, финансии, бизнис

Контакт

Легализацијата на новите дивоградби ќе биде скапа и ќе трае шест месеци

Легализацијата на новите дивоградби ќе биде скапа и ќе трае шест месеци

Долго очекувано и оспорувано, Владата конечно го усвои законското решение за легализација на дивоградбите.

Всушност, станува збор за Предлог - законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, кој поминал на вчерашната владина седница.

Со законот ќе биде опфатено легализирање на дивоградбите кои се изградени до први октомври оваа година.

„Со предлог законот се предвидува можност за утврдување на правен статус на бесправните објекти од значење за Републиката и од локално значење кои се предвидени со Законот за градење или друг закон, а кои претставуваат градежна и функционална целина заклучно со 1 октомври 2019 година“, се наведува во соопштението од Владата по вчерашната седница. 

Предмет на овој закон се и бесправните објекти од јавен интерес утврден со закон чии иматели се државни органи или единици на локална самоуправа или правни субјекти основани од Република Северна Македонија односно од единиците на локална самоуправа, кои заклучно со 1 октомври 2019 година се градежна целина, а не и функционална целина. 

Во новиот закон нема да биде опфатен Охридско-струшкиот регион, односно ќе се почитуваат препораките на УНЕСКО.

„Предлог законот не ги опфаќа сите видови на бесправни објекти изградени во границите на Охридскиот регион во кој се наоѓа природното и културното наследство запишано во Списокот на Конвенцијата на УНЕСКО, во границите утврдени со Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион како и станбените згради и доградбите и надградбите на истите“, се вели во соопштението.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески утре подетално пред новинарите ќе ги образложи новините со овој закон. Се очекува дека тој треба да одговори и на бројните забелешки кои се појавија поради нетранспарентното носење на тој закон.

Но, она што е сигурно е дека со него ќе се предвиди имателите на дивоградби да треба да платаат 150 отсто од комуналните такси, или целосно да ја платат нивната вредност, плус 50 отсто како своевидна казна. Сепак, колкава сума ќе платат ќе зависи од тоа во која општина живеат, бидејќи комуналните такси се различни од општина до мопштина, некаде се 20. 30 или 40 евра по метар квадратен.

Исто така, останува одредбата дека откако ќе биде објавен во Службен весник, граѓаните кои се сопственици на нелегално изградени објекти, ќе имаат рок од само шест месеци да ги поднесат документите за легализација. Повеќе од тој период нема да се дозволува поднесување на документите. 

Според податоците со кои располага ЗЕЛС, во земјава во моментов има над 70 илјади дивоградби, најмногу индивидуални, но и деловни објекти, кои би можеле да бидат предмет на легализирање. Законските новини, како што неодамна тврдеа од ЗЕЛС, не се носат под политички притисок, туку под притисок на граѓаните во општините, кои сакале да ги легализираат своите објекти. 

Претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ донесе закон со кој дозволи сите дивоградби изградени до 3 март 2011 да се легализираат, само со барање и изјава, како и со сметка за вода или за струја. Процесот на доставување на барања се пролонгираше во неколку наврати, а се очекуваше целосно да заврши до 2023 година.

Н.Н.Ф. 

Слично

Поврзани вести