Лефков за Резолуцијата за македонскиот јазик: Ако Бугарија е искрена, нема зошто да ескивира
Се уште очекуваме став од Бугарија за предлогот на претседателот Мицкоски, за заедничка Резолуција за заштита на македонскиот идентитет и јазик пред ЕП, изјави денеска на прес- конференција пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков.
„Ние го изнесовме овој предлог од две причини.
1. Доколку Бугарија е искрена, и не го оспорува нашиот идентитет и
јазик, тогаш ќе прифатат и заедно ќе ја поднесеме Резолуцијата.
2. Доколку Бугарија не е искрена, тогаш ќе ескивира по секоја цена.
Во моментот сме сведоци дека Бугарија бега од идејата, а со тоа
покажува став кон Македонија, кој не е демократски, не е добрососедски,
ниту пак е човечки“, вели Лефков.
Тој вели дека гласините кои се слушаат од некои кругови во Бугарија, го отсликуваат наративот кој Русија го има кон Украина, со целосна негација на самобитноста на Македонија.
„Ние знаеме кои сме и целиот свет знае кои сме. Но, фактот што Бугарија го негира тоа, и сака во темел да ги поткопа основните човекови права, дава јасен знак дека сите треба да се запрашаме зошто е тоа така и ќе остави ли ЕУ да бидеме жртва на политики од 19 век, политики на негација на самобитноста исти по размер како тие Русија што ги применува врз Украина. Македонија е пред се добар сосед, држава членка на НАТО, држава која дала и дава свој придонес кон европската безбедност и единствено нешто кое го сакаме како народ е да бидеме почитувани и да имаме третман како сите останати“, посочи Лефков.
