ЛЕФКОВ: Судијката што го спасила возачот, сместила штаб на СДСМ во куќата на татко си
Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ обвини дека судијката што го спасила возачот-убиец од затвор, сместила штаб на СДСМ во куќата на татко ѝ.
„Судијката Даниела Алексовска-Стојановска, која требало да биде непристрасна и без партиски влијанија, не само што во нејзината кариера била пристрасна и работела по налог на СДС, туку во нејзиниот дом го сместила и општинскиот штаб на СДС во Ранковце“, вели пратеникот Лефков.
Пратеникот објавија и фотографии за кои тврди дека се од партискиот штаб во куќата што се наоѓа во селото Ранковце. Но, СДСМ демантира.
„После трагедијата што се случи со прегазувањето на младата Фросина нацијата е во жалот, а гневот на народот е огромен и реален. Наместо да преземат одговорност и да бараат решенија за проблемите, од ДПМНЕ етикетираат луѓе, лажат и манипулираат. Срамно и недозволиво е ВМРО-ДПМНЕ да го злоупотребува овој трагичен настан, кога добро знаат дека и судијката и таткото на сторителот се блиски до нивната партија. Судијката Даниела Алексоска Стојановска е избрана токму од ВМРО-ДПМНЕ, во времето на нивниот режим, на 8 февруари 2012 година“, додаваат од СДСМ.
Велат дека таа е дел од фамозното „тефтерче” на Гордана Јанкулоска, симбол на партиските влијанија врз судството.
