Лефков ги достави до Русковска документите за кои тврди дека дека се докази за изнуда и фалсификати со тендерите во РЕК Битола
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков ги доставил денеска до Обвинителството за организиран криминал и корупција документите за кои тврди дека се индиции за сторен криминал со државни тендери во РЕК Битола во времето кога таму директоруваше актуелниот прв човек на АД ЕСМ, Васко Ковачевски. Ова следува по вчерашниот брифинг на кој лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски зборуваше повторно за скандалот со фирмата Рубитон, од кога како што тврдеше самиот Ковачевски и лицето Вице Заев побарале рекет од 250.000 евра. На брифингот беше соопштено и дека во Обвинителството кое го води Вилма Русковска потоа била фалсификувана пријавата на сопствениците на оваа фирма и од неа мистериозно исчезнале делови каде се споменува Вице Заев.
Денеска Лефков пред обвинителството праша кој, зошто и дали го направил тоа и фалсификувал јавна пријава.

Претходно од Обвинителството повикаа Мицкоски да ги достави сте докази до нив. Тој вчера прстот за фалсификувањето го впери во началникот Лазе Велковски но остана нејасно како се случил фалсификатот зашто надреден на Велковски во тој период, поради техничката влада, е Александар Јанев, кој е предложен токму од ВМРО-ДПМНЕ. Јанев е началник на Одделот, а Велковски дополнителен заменик-началник.
„Бидејќи Русковска вели дека не е запознаена, еве шанса да се запознае и да и ја освежиме меморијата. Впрочем ова е тест за обвинителството. Оттука бараме ЈО да почне да си ја работи работата и веднаш да ги повика Вице Заев, Стојан Чифлигароски ( сопственик за СВ ИНвест, фирма за која се барало да се отстапи добиениот тендер н.з.), Горан Крстев, Лазе Велковски и Оливер Спасовски, да ја прибави целокупната документација и да постапи согласно закон. Одговорност мора да има, рече Лефков.
Мицкоски вчера рече дека аферата е за изнуда на рекет средства од компанијата која била добитник на тендер за ископ во Суводол, рудникот на РЕК Битола. Фирмата Рубитон го добила тендерот по што, како што тврди Мицкоски, Васко Ковачевски, тогашниот директор на РЕК, го контактирал сопственикот на компанијата добитник Драган Василев и на средба во хотел Епинал во Битола го принудувал да додели 50 отсто од работата на компанијата СВ Инвест на Столе Чифлигароски.Наредниот ден се одржала средба меѓу Ковачевски, Василев, Радивчев и Столе Чифлигаровски (сопственик на „СВ инвест“) во менувачницата „Саат кула“ во Битола каде на „Рубитон“ им е понудено да добијат само 1 отсто од бизнисот, а 99 проценти да земе „СВ инвест“. Василев и Радивчев биле убедувани дека тоа законски е можно, дека тоа го правеле и порано само со нотарски заверена изјава.

Сепак Василев се консултирал со адвокат кој му рекол дека е незаконски да се предава дел од добиената работа и му рекол на Ковачевски дека сака да се откаже. По тоа, Ковачевски наводно организирал средба со Вице Заев во Струмица, во хотел Парк, но средбата се откажала, а Вице Заев ги контактирал сопствениците на компанијата и им рекол дека ќе го испрати Горан Крстев од Тотал Инжинеринг. Тој Горан, рече, Мицкоски е истиот кој бил амнестиран заедно со Зоран Заев за „Глобал“. Побарувањата биле Рубитон да ја сработи работата, а 250.000 евра да му припаднат на Вице Заев како кеш, а таа сума била многу поголема од можната заработка.
„Сопствениците на Рубитон на повиците на Крстев не се одзивале, по што Вице им се заканува дека ќе ја загубат работата. По низа лавиринти, компанијата ја губи работата од РЕК и трпи штета од 30 милиони денари, за што своевремено ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше јавно на прес-конференции за насилно внесување на фирмата СВ Инвест во комбинатот.Воедно и предупредувавме на фамозната Вила парк, каде што Вице Заев го собираше рекетот. Случајот оштетените го пријавуваат во полиција, по што се изготвува пријава до ОЈО потпишана од Лазе Велковски. Мистериозно, на веќе еднаш потпишана изјава, исчезнува делот каде се споменува Вице Заев. Што е дополнителен скандал и говори за спрега меѓу ОЈО и Рускоска, МВР и Лазе Велковски и кадрите на Оливер Спасовски. Случајот е ставен во фиока, рече вчера Мицкоски.

Од АД ЕСМ и Подружница РЕК Битола веднаш реагираа со демант. Велат дека во повеќе наврати соопштиле дека договорот со фирмата Рубитон која ископувала јаловина (земја) во рудникот Суводол, е раскинат од страна на РЕК Битола на 07.11.2018 од причини што Рубитон не го вршел ископот со динамика и количини предвидени во договорот, за што постоеле записници и други релевантни документи од стручните служби на РЕК Битола.
„Заради раскинувањето на договорот за работа во РЕК Битола, фирмата Рубитон има поведено судски спор пред надлежен суд чиј епилог го очекуваме. Во оваа прилика, сакаме да изразиме сомнеж дека зад континуираните напади на опозициската партија кон РЕК Битола, конкретно за случајот Рубитон, се кријат лукративни причини и на економскиот оператор и на политичката партија. Имено, сопствениците на фирмата Рубитон се во блиски роднински врски со поранешен директор на РЕК Битола од времето на владеење на ВМРО – ДПМНЕ. Само во периодот 2015 година – 2018 година оваа фирма од РЕК Битола наплатила над 370.000.000 денари за ископ на јаловина. Сите документи поврзани со случајот Рубитон се наоѓаат и кај судските инстанци и во РЕК Битола. Јавноста, па и лидерот на опозициската партија се добредојдени да ги разгледаат, стои во демантот.
