Лажните истражители барале 75.000 евра од бизнисменот за да го спасат од наводно обвинение
Вработениот од Агенцијата за национална безбедност и амнестираниот од крвавите настани во Собранието на 27 април се соочуваат со притвор, објави Основното јавно обвинителство. Тие барале 75.000 евра од лице, наводно манипулирајќи го дека каде и да е ќе му следи обвинение и да ги даде парите за да му средат да не дојде до тоа. Претходно, Телма објави дека се работи за градежен бизнисмен.
Против едното лице се води постапка за измама, а другото за лажно претставување. Бидејќи двајцата осомничени би можеле да се задаадт во бегство, од судот е побаран притвор за нив.
„Првиот осомничен, со намера да прибави противправна имотна корист за себе, лажно прикажал факти согласно кои наводно поседувал информации дека Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција води постапка против повеќе физички и правни лица. Притоа, од еден од наводно осомничените во таа постапка и негов пријател побарал парична награда од 75.000 евра кои ќе му бидат исплатени во неколку наврати за да ги искористи своите конекции и врски што наводно ги имал со службени лица – истражители во обвинителството за да се запре постапката.
Наредбата со невистинита содржина која му ја прикажал на оштетениот за да го увери во вистинитоста на своите тврдења осомничениот ја креирал на неговиот компјутер, со што го довел во заблуда оштетеното лице. Во тоа му помогнал и вториот осомничен, кој на средба со оштетениот лажно се претставил како вработен во Управата за финансиско разузнавање и воедно истражител во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. На 3 ноември, првиот осомничен се сретнал со оштетениот во ресторан во Скопје и зел од него парични средства во висина од 5.000 евра за услугата што ветувал дека ќе ја изврши“, објави обвинителствот.
Претходно, медиумите објавија дека оштетениот направил проверка и дознал дека против него Обвинителството нема случај, па решил да пријави во полиција, по што следувало апсењето.
