ЛАЖНИ ЕЛЕКТРОНСКИ ПОРАКИ СО ПОКАНА ЗА НА СУД, МВР предупредува на измами и советува НЕ ИСПРАЌАЈТЕ ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ
Од Министерство за внатрешни работи информираат дека пораките кои им пристигаат на граѓани во кои има повик да се појават во суд поради наводни измами и правни постапки се лажни.
Укажуваат дека станува збор за измами, во кои се цели кон личните податоци на граѓаните и апелираат граѓаните да не испраќаат податоци никому,
- Пристигнаа пријави од граѓани за добиенa електронска порака наводно во име на министерот за внатрешни работи, во вид на повик за појавување во суд од страна на Сектор за прекршоци, примачот на пораката се известува дека е предмет на наводни правни постапки за низа измислени кривични дела, кои ги нема сторено, МВР ги известува граѓаните дека станува збор за лажна порака која не е испратена од страна на МВР, ниту од било која институција за спроведување на законот - стои во нивното соопштение.
Од Министерството потенцираат дека во испратените мејлови, примачот на пораката се повикува да го контактира испраќачот преку Вибер линк.
- Овие електронски пораки се класичен обид за измама во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на испраќачот со цел нивна понатамошна злоупотреба. Затоа апелираме на посебно внимание, овие пораки да не се отвораат, а уште помалку да се контактира испраќачот преку доставениот линк и да се споделуваат личните податоци кои ќе ви бидат побарани - укажуваат од МВР.
Од министерството исто така предупредуваат да не се отвораат линковите и датотеките кои се испратени во прилог на е-мејл пораката која доаѓа од непознат испраќач, со цел заштита на личниот компјутерски систем од малициозен софтвер.
- Информираме дека ваквите обиди за измама се со меѓународен предзнак, имајќи предвид дека електронски пораки со слична содржина во изминатиот период беа испраќани и на граѓани во земјите од регионот - укажуваат од МВР, и додаваат дека истрагите се спроведуваат во соработка со полициската канцеларија на Европол.
