Лазарова Трајковска: Со години гледаме замолчени судии, реформите мора да почнат од Судскиот совет
Јас повеќе пати спомнав дека за здрави реформи, потребно е да се постават здрави темели, вели Mирјана Лазарова Трајковска, поранешен судија во Европскиот суд за човекови права во интервју за Фактор магазин за реформите во судството.
„За независно судство треба силен Судски совет. Јас го поддржувам концептот на професионален Судски совет, којшто по примерот на некои други земји, како што се Хрватска, Италија, го имавме случајот со Бугарија, меѓутоа од друга страна, и во согласност со нашите поранешни искуства, од значењето и улогата на Судскиот совет, би можел да биде тело кое ќе учествува и ќе ги води реформите. Јас сметам дека оттука треба да почне реформата, значи од Судскиот совет, меѓутоа таа треба да продолжи и кон Уставниот суд, и понатаму кон Врховниот суд. Не треба да се изостават Управните судови надвор од реформите, затоа што формирањето на овие судови не ја разграничи до крај и нивната позиција и нивното место во рамките на правосудниот систем“ - вели таа.
Смета дека македонското судство само си ја прифати улогата да биде жртва.
„Многу пати критикувано, многу пати повикувано да се произнесе самото за себе. Тоа не смогна сили да застане и да се слушне неговиот глас. Ние со години гледаме пред нас замолчени судии, или судии кои не сакаат да се вклучат активно во одбраната на дигнитетот и достоинството на судот или на судската професија. Ако треба да се постави некаква дијагноза, тоа е навистина во една состојба на болест на која и треба една добра нега, и треба помош“ - вели Лазарова Трајковска.
Покрај Лазарова Tрајковска во емисијата гостуваа и поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев и универзитетскиот професор Марјан Ѓуровски со кога ги анализиравме пораките на германската канцеларка Меркел упатени до македонскиот премиер Заев и ангажираноста на Брисел што поскоро да го интегрира Западниот Балкан.
