Лазаров воодушевен од публиката, Гонзалес ќе оди чекор по чекор
Машката ракометна репрезентација на Македонија ја оствари првата победа во првиот натпревар од Европското првенство кое се игра во Загреб против селекцијата на Словенија која претходно важеше за благ фаворит поради минатите успеси на големите собир. Сепак, Македонија предводена од капитенот Кире Лазаров и одличниот стратег Раул Гонзалес со смирена игра и самодоверба успеа да победи со еден гол разлика во драматичен натпревар полн со тензии, пресврти и неизвесност до самиот крај.
„Задоволни сме, дојдоа многу навивачи, секоја чест за тоа и победата им ја посветуваме ним. Не беше лесно, бевме под голем притисок, знаевме што значи оваа победа. Победивме квалитетна репрезентација која имаше поставена цврста одбрана со високи играчи, имам чувство како да сме одиграле два натпревари денеска“ посочи Лазаров по натпреварот.
Македонскиот селектор, Раул „Ел Команданте“ Гонзалес смирен како и пред победата над Словенија без преголем триумфализам најавува посветеност натпревар по натпревар.
„Ја победивме Словенија и сега имаме два бода. Задоволен сум од сите мои ракометари, ја победивме третата репрезентација на светот. Во првите 15 минути игравме лошо, промашивме многу шанси во нападот, како и ситуации каде што беше „еден на еден“ со голманот, но во продолжението заигравме многу подобро. Нападот беше многу добар, одбраната исто така, морам да бидам задоволен, но и што поскоро да ги насочам своите мисли и мислите на моите ракометари на дуелот со Црна Гора“ истакна селекторот.
Во понеделник Македонија ќе се соочи со Црна Гора, а Словенија ќе игра со шампионот Германија.
