Лаф-муабет со Костадин Богданов: Градењето авторитет преку скапоцени предмети е значаен показател за интелектуално осиромашување на општеството
Како директор на Бирото за застапување на РМ, до 2017-та ја претставуваше, односно истапуваше во име на државата во Стразбур, пред Судот за човекови права, но денес ги застапува домашните лица чии жалби во најголем број се однесуваат на повредата на правото на праведна или фер постапка тука, во Македонија. Не толку одамна и докторираше на истата тема - правично судење, на скопскиот Правен факултет. Истовремено ги пренесува знаењата, искуствата во Академијата на судии и јавни обвинители, преку обука. Неговиот курикулум навистина е импресивен од неколку причини, меѓу нив и обемноста. И добротворството како дел од истиот, вклучително и начинот, стилот на живеење, помагајќи на луѓето од ранливите категории. Тој инаку е член на лајонс-клубот „Камен мост“.
Денешниот лаф-муабет со Костадин Богданов чија адвокатура е долгогодишна (своето адвокатско друштво го отворил во 2004-та), во исто време е и сеопфатен и разнообразен. Говориме за немањето доверба во правосудството, за состојбата на адвокатската дејност, за неговиот фах моментално, работните обврски.., неизоставно и за вообичаените или темите од типот на стил, начин на облекување, патувања, кулинарство... Се разбира, ги зачнавме и прашањата за угледот, снобизмот, па и елитизмот. А, која е „тајната“ на несреќата во Македонија, на жителите заради високото котирање и во балкански и во европски рамки, ќе прочитате во продолжение... Од самите одговори ќе ја увидите и неговата приземност како човек.
ММ: И покрај тоа што лаф-муабетот има цел да ги разоноди луѓето - нашите читатели, ќе го започнеме со разговор за ситуацијата, состојбата на правосудниот систем во Македонија и недовербата на граѓаните во него. Каква е таа, односно дали немањето доверба е оправдано? 92% од жителите на државата се изјаснија дека правосудството е гнило. Какви реформи се неопходни? Дали неговото, изделувањето на правосудниот систем од политиката, од „приватната сопственост“ на владејачките партии ќе го реши проблемот?
К. Б.:Искрено кажано и самиот бев фрапиран од поразителните бројки кои беа презентирани за (не)довербата во судството. Но, сепак, мора да се каже дека станува збор за долгогодишен, повеќеслоен проблем кој, за жал, наместо да се подобрува, од година во година се влошува сѐ повеќе. Основен чинител на недовербата е секако корупцијата, и тоа на различни нивоа и по различни основи, за која сите истражувања говорат дека е широко распространета во правосудниот систем. Неретко се случува и самите странки на првото влегување во канцеларија прво да прашаат дали го познаваме тој и тој судија, па дури потоа да го презентираат предметот. Ироничен е фактот што на сите општествени чинители им е добро познато дека судскиот систем треба да биде основниот пилар за градење на едно цивилизирано и напредно општество, но сепак и поединците и групите и политичарите и бизнис-заедницата се подготвени за целосно „општествено неодговорно“ да го корумпираат системот поради лични, единечни, краткорочни бенефити кои од друга страна оставаат долготрајни последици врз државата и правораздавањето. На крајот од денот, системот е само одраз на постапките на чинителите и учесниците во него. Однадвор никој не го корумпира. Секако, дополнителен лош впечаток за правосудството оддаваат и недоволно образложените судски пресуди кои најчесто се резултат или на брзање или на недоволна стручност во нивната подготовка, па се случува и одредена правична одлука, а заради лошата правна аргументација во неа, да оддава впечаток на корумпиран производ. Во судските спорови секогаш имате една од страните која е незадоволна од исходот на постапката од причина што речиси секогаш и двете спротивставени страни имаат сопствени аргументи кои им даваат право да веруваат дека се во предност. Ретки се црно-белите предмети. Задачата на судијата е преку единствениот медиум - пресудата на јасен начин да ја „убеди“ страната која не успеала во спорот дека сепак аргументите на спротивната биле посилни, па затоа и „вагата“ натежнала повеќе на таа страна.
Светла точка во овој простор, а која дава надеж дека состојбите можат да тргнат на подобро е секако Академијата за судии во која, вклучително и јас како предавач во почетна и континуирана обука, повеќе од 8 години се обидуваме на судиите и обвинителите да им ги пренесеме сите искуства и модерните европски текови во примената на правото преку судската пракса на Европскиот суд за човекови права во Стразбур и Судот на правдата во Луксембург.
