ЛАДНИОТ БРАН ДОАЃА: Температурите паѓаат за 15 степени!
Ладниот бран од северозапад преку алпскиот регион се спушти до Балканот и вчера донесе снег на Словенските планини, односно снег падна на Кредарица, висока планина во Словенија, објави метеорологот Славчо Попоски.
„Ладниот воздух понатаму ќе се спушта кон југ и југоисток од Балканот и до денес доцна попладне и навечер, а особено ноќта кон четврток (10 јули) ќе стигне во нашата Република Македонија, условувајќи засилен ветер од северен правец (над 60/70 км/час) и истиот ќе услови нагло температурите да се спуштат дури за близу 15 степени во споредба од оние кои ги имаме сега.
Само денес накратко во западните и во северните предели локално ќе има повеќе облачност која ќе услови појава на краткотраен дожд.
Значително посвежо ќе ни биде во четврток (10 јули) кога максималните дневни температури ќе се искачуваат во интервалот од 23 до 31 степен. Исто така од четврток (10 јули) па во деновите потоа утрата ќе бидат многу свежи и температурите на повеќе места ќе се спуштаат до околу, па и под 10 степени. Локално тие ќе се спуштаат дури и до околу 5 степени, особено на планинските и повисоките места, како и во Беровско.
Конечно по многу топлиот бран од југ, односно од Африка ќе здивнеме од горештините и ќе можеме да уживаме во значително попријатното, односно посвежо време, особено во ноќните и во утринските часови, кога ќе ни биде и потребна дури и потопла облека“, објави тој.
