КВАРТАЛНИТЕ ИЗВЕШТАИ СТАНУВААТ ЗАДОЛЖИТЕЛНИ – институциите ќе имаат повеќе обврски, непочитувачите ќе плаќаат високи казни
Сите институции ќе имаат обврска да објавуваат податоци кои ги создаваат во текот на своето работење, и притоа да ги направат достапни за јавноста. Ова е нова одредба која се планира со измени на законот за користење на податоци од јавниот сектор.
- Органите и институциите од јавниот сектор се должни согласно нивните технички можности да објават податоци кои ги создаваат во вршењето на своите надлежности кои ќе ги направат достапни за користење. Податоците во читлив формат треба да бидат објавени како необработени податоци во компјутерски обработлив формат и да бидат достапни во отворен формат заедно со нивната метадата до најниското нивно на деталност. Должни се податоците да ги ажурираат согласно со динамиката што сами ја утврдуваат, обезбедувајќи точност на податоците, притоа наведувајќи го на видно место датумот на последното ажурирање – стои во предлог измените доставени во Собранието.
Предлагач е Владата и притоа е утврдено дека техничките нормативи ги утврдува министерот за информатичко општество и администрација. Министерството ќе биде задолжено да води централен каталог на податоците од јавниот сектор објавени за користење врз основа на каталог на податоци од органите и институциите.
- Секој орган или институција на јавниот сектор е должен да обезбеди редовно ажурирање на податоците кои ги објавил за користење, функционалност на веб локацијата каде што податоците се објавени и функционалност на линкот до централниот каталог на податоци од јавниот сектор на www.otvorenipodatoci.gov.mk – се наведува во законот, при што е истакнато дека ќе биде определено контакт лице задолжено за техничко прилагодување и објавување на податоците.
Законот утврдува дека институциите ќе бидат должни најмалку еднаш квартално да го извести Министерството за информатичко општество и администрација за објавување нови податоци за користење со цел за истите да бидат поврзани и објавени на централниот каталог на податоци од јавен сектор. Министерството може да задолжи некоја институцијата дополнително да објави податоци кои ги создава во вршењето на своите надлежности.
Ако не се почитуваат роковите Министерството ќе го извести Државниот управен инспекторат кој ќе постапи согласно со своите надлежности. Надзор врз спроведување на одредбите од овој закон врши Министерството, а за непочитување на законот предвидени се казни кои почнуваат од 500 евра.
Раководно лице на некоја институција може да доибе казна од 1.000 до 2.000 евра доколку не постапи во согласност со законот. Иста висина на казна е предвидена и за вработен, или раководител во Министерството доколку не постапи во согласност закон.
За различни одредби се предвидени и различни казни. Па така дел од казните се движат и во рамка од 500 до 1.000 евра. Најниската казна која може да ја добијат раководителите е до 300 до 500 евра.
П.О.