Кузеска: Фирма со тројца вработени за два месеци добила тендери од 1,2 милиони евра
Македонија се крена против корупцијата и криминалот, рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, која рече дека голем број граѓани испратиле информации, документи и докази до истражувачкиот центар на СДСМ, „Мицко“.
„Фирма со само тројца вработени за период од два месеца добива тендери од владата на Христијан Мицкоски од 1,2 милиони евра. Милионски суми, мал број вработени - фаворити за тендери од власта на ВМРО-ДПМНЕ. Овие факти отвораат сериозни сомнежи за нетранспарентни постапки, фаворизирање и коруптивни тендерски шеми како во досегашните објавени бомби. Се работи за „Сигмоид Гроуп“ од Скопје формирана од пред само две години. Добива тендери од СОЗР и Генералниот секретаријат на владата - двете владини институции вмешани и во претходните бомби кои ги објавивме. И како во првата бомба, станува збор за ИТ опрема“, вели Кузеска.
Првиот договор, вели таа, е договор со Министерството за финансии од 10 месец годинава, вреден околу 60 илјади евра, а после два дена, има нов договор со Генералниот секретаријат на Владата вреден речиси 1 милион евра.
„Шест недели подоцна, на 1.12.2025 година, нов државен тендер за софтвер за СОЗР, вреден околу 76 илјади евра. Каква милионска експанзија за два месеци. 173 проценти раст на добивка од тендери. Истите шеми повторно. Како е ова можно, која е близината? Дали причината за тоа е близината на сопственикот на фирмата, извесен Ј. Јанкуловски, кој дипломирал на Машинскиот факултет на насоката каде што е Христијан Мицкоски професор. Ова ли е клучот за вртење милионски тендери од власта на ДПМНЕ, близината со Мицкоски“, рече портпаролката на СДСМ.
