КУРВА, ПЕДЕР, ЦИГАНШТИЈА - повлечени се спорните зборови од Дигиталниот толковен речник
Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ ги повлече зборовите се циганчи, циганштија, циганштење и други, по реакцијата од Ромите за навредливите зборови во дигиталното издание на Толковниот речник, чија појава и толкување предизвика револт и најава за протест кај ромската заедница. Освен овие, повелечни се и зборовите курва, ороспија, педер, каур, за кои имаше реакции во јавноста и во медиумите.
Претседателот на Народната партија на Ромите, Геге Демировски веднаш по промоцијата реагираше дека речникот содржи скандалозни навредливи зборови за Ромите и ги повика сите Роми што се дел од парламентарното мнозинство да ја напуштат владината коалција.
„Со новиот дигитален речник Ромите добија дигитализација на навредите и антициганизмот. Дигиталниот толковен речник содржи 100 000 зборови меѓу кои и циганче, поцигани, се циганчи, циганштија и циганштилак! Имате рок од 24 часа да го тргнете. Ако не се тргне ќе ги дигнам Ромите од цела Македонија и Европа“, објави Демировски на Фејсбук.
Во дигиталната верзија на толковниот речник за зборот се циганчи беше објаснето дека појаснува скржавост од предрасуди како особина на Циган и беше даде примерот „Се циганчи за еден грош“. За циганштилак беше објаснето дека значи скржавост и ситничавост.
Владата вчера ја промовираше веб-платформата makedonski.gov.mk на која е достапен Толковниот речник на македонскиот јазик. Премиерот Зоран Заев соопшти дека речникот им стои на располагање на сите што сакаат да го користат македонскиот јазик.
– Веб платформата, која е во сопственост на граѓаните и ќе се надоградува од граѓаните, академската и научната заедница, и понатаму останува под стручен надзор и развој на Институтот за македонски јазик. Владата е тука за да го модерира техничкиот дел на процесот и да го одржува системот. Платформата понатаму ќе се развива заедно со сите научни работници, лектори, македонисти и други научници кои ќе можат редовно да го ажурираат, дополнуваат и да го менуваат речникот, рече меѓудругото Заев.
