Кумашинот на Љубе Бошковски добива договори над 700 илјади евра за рок од 70 дена
Во само 70 дена фирмата влегува во АНБ, во објекти поврзани со МВР, во Јавното претпријатие за државни патишта и во Централниот регистар, што отвора сериозни прашања за критериумите, конкуренцијата и јавниот надзор.
Официјалните податоци од државниот систем е-набавки покажуваат дека ЛАНД-СЕРВИС ДОО Скопје, во периодот од 8 јануари до 18 март 2026 година, се појавува во договори и постапки со вкупна вредност од 47.587.653 денари, што е околу 774.000 евра. Во приложениот приказ од системот како вистински сопственици се наведени Анета Милошева-Николаиду и Нектариос Николаидис.
Најголемиот износ е поврзан со Јавното претпријатие за државни патишта. Финансиската понуда покажува 426.474 евра (26.280.960 денари) со ДДВ за генерално и секојдневно чистење во период од 24 месеци. Само ставката за секојдневно чистење е проценета на 357.524 евра (22.032.000 денари) без ДДВ, а со данок достигнува 421.878 евра (25.997.760 денари).
Уште повпечатлива е постапката за Агенцијата за национална безбедност. Во приложената понуда не станува збор за една зграда, туку за широка мрежа објекти. На списокот се МВР-зграда 4, МВР-зграда 3, МРТВ, ПС Бит Пазар, ОКИТЕКС, како и СВР Битола, Куманово, Штип, Струмица, Охрид, Тетово и повеќе полициски станици во Ресен, Прилеп, Крива Паланка, Берово, Кочани, Делчево, Гевгелија, Струга, Дебар, Кичево и Гостивар. Вкупната вредност на оваа понуда изнесува 21.816.430 денари со ДДВ.
Како една фирма за толку краток период успева да дојде до ваков обем на ангажмани во чувствителни институции и во објекти од безбедносниот сектор низ целата држава? Колку компании конкурирале на овие постапки? Дали пресудна била само цената, или постоеле и други фактори што ја направиле ЛАНД-СЕРВИС доминантен избор?
Во јавноста со години кружат тврдења дека Нектариос Николаидис е кумашин на Љубе Бошковски. Такво тврдење е објавено и во текст од 2019 година, но засега нема официјална потврда во документите што се приложени овде, па тоа може да се третира само како јавно присутна гласина, а не како утврден факт. Во меѓувреме, Љубе Бошковски во 2024 година се приклучи на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Затоа вниманието не оди само кон бројките, туку и кон контекстот. Кога фирма поврзувана со вакви гласини добива договори што надминуваат 700 илјади евра, дел од нив и за објекти поврзани со полицијата и безбедносниот сектор, јавноста има полно право да праша дали станува збор за силен пазарен капацитет или за нешто што заслужува подлабока институционална проверка.
Има уште еден важен детаљ. Двата договори со Централниот регистар формално не се однесуваат на класично чистење, туку на тековно одржување на деловен простор и заеднички делови, со ставки за електричарски, водоинсталатерски, браварски, столарски, керамичарски, стакларски, гипсарски, молерски и лимарски услуги. Тоа значи дека вкупната сума ги обединува различните услуги, но впечатокот останува ист, во краток рок значаен дел од јавните ангажмани завршуваат кај ист економски оператор.
ЛАНД-СЕРВИС во 2024 година само преку Службата
за општи и заеднички работи на Владата добила околу 9,63 милиони евра (592.358.332,66
денари), а преку МВР уште околу 3,50 милиони евра (214.943.313
денари). Тоа носи вкупно најмалку 13,13 милиони евра (807.301.645,66
денари) во само овие постапки, па сегашните 47,6 милиони денари изгледаат
како уште едно продолжение на веќе воспоставена низа крупни договори со државни
институции.
А.К.
