Економија, финансии, бизнис

Контакт

Куманово веќе дише почист воздух, граѓани оставете ги автомобилите ако не ви се неопходни

Куманово веќе дише почист воздух, граѓани оставете ги автомобилите ако не ви се неопходни

Податоците од мерните станици на Министерството за животна средина деновиве покажуваат дека Куманово е град кој на мапата цело време е обоен во светла или темно зелена боја, што укажува на многу ниско или ниско аерозагадување. Разлика има ако се споредат утринските и вечерните часови, односно навечер аерозагадувањето се зголемува, но е далеку подобро од претходните години.

Кумановци во 2023 година почнаа да користат бесплатен јавен превоз, кој е воведен за да се намали загадувањето на воздухот, но и во време на криза локалната власт да помогне на домашниот буџет на граѓаните. Ако овој тренд продолжи, бесплатениот јавен превоз ќе се покаже како ефективна мерка за борба со загадениот воздух. Локалната самоуправа веќе најави дека ќе објави податоци за конкретната мерка.

„Се трудиме да биде добро и за нас и за граѓаните, двете страни да бидат задоволни. Мислам дека 99 отсто од граѓаните се задоволни. Луѓето го користат бесплатниот јавен превоз, посебно оние од приградските населби кои претходно се возеа со диви таксисти, а сега не мора да плаќаат за услугата. Очекуваме дека по 20 јануари ќе има поголеми гужви затоа што празниците ќе поминат, распустот ќе заврши, учениците ќе тргнат на училиште“, велат од компанијата „Штуз“.

Но, еколозите од другите градови исто така советуваат граѓаните иако немаат бесплатен јавен превоз, да ги остават автомобилите секогаш кога не им се неопходни. Mила Јовановска од „Биди зелен“ вели дека ако зборуваме за јавен превоз, тогаш треба да има доволно автобуси и линии за да се почувствува ефект и тоа е основно. Но, треба и да се популаризира и употребата на велосипеди.

„Одржливата урбана мобилност, комбинации на превоз на пример велосипед и автобус, безбедност во сообраќајот, се клучни за на долг рок освен со квалитетот на воздухот да придонесат за општо поквалитетен живот во градовите. И друг момент се навиките на луѓето, тој што секојдневно оди со автомобил на работа нема во овие неколку дена да користи автобус само затоа што е бесплатен. Еден град треба секојдневно да работи на менување и стекнување одржливи навики кај своите граѓани со тоа што ќе овозможи инфраструктура и политки кои се одржливи, а во случајот со мобилноста да се овозможи добра велосипедска инфраструктура, да се третира велосипедот како средство за превоз, а не само за рекреација, повеќе пешачки зони, потесни улици со ограничена брзина особено околу училиштата“, смета Јовановска.

Од еколошкото друштво „Тисовец“ од Кавадарци велат дека и нивниот град има голем број на возила, засилена урбанизација, граѓаните се греат со што ќе стигнат и епилогот е загаден воздух.

„Ако одат на кафе, граѓаните не мора да користат автомобил и потоа да бараат паркинг. Дел од младите користат велосипеди, но свеста треба да биде повисока. Кога воздухот е загаден, се чувствува, пече на очите, има непријатен мирис. Економскиот момент е пресуден за тоа на што ќе се греат граѓаните“, додаваат од „Тисовец“.

Љубица Балојани од организацијата „Еко жена“ од Битола објаснува дека ако моделот во Куманово се покаже како успешен, тогаш и другите општини треба да размислуваат во таа насока.

„Општината е мајка и татко на граѓаните. Ако тоа е успешно, треба во рамки на можностите на другите општини и општинските буџети да се примени, со што ќе им се помогне на граѓаните полесно да дишат, да излезат на прошетка, да отидат до работа. Затоа ги бираме властите, за да покажат одговорност и совесно работење“, рече Балојани.

Загадени се скоро сите македонски градови, почнувајќи од Скопје, Тетово, Гостивар, Кичево, Велес, Кавадарци, Гевгелија, Битола, Прилеп, па дури и Охрид и Берово. Претходните години имаше периоди кога Куманово беше позагадено од Скопје. Македонските градови уриваат рекорди со загадувањето и се во друштво на градовите од Кина, Индија, Бангладеш, Пакистан, кои се екстремно загадени. 

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести